Здруженијата за заштита на животните реагираат на третманот на животните од страна на маскираните учесници на Вевчанскиот карневал што се одржа во средата. Здружението „Анима мунди“ најостро ја осудува злоупотребата и мачењето на животните за кое реагирале граѓани кои биле присутни на карневалот.
„Кокошки наденати на вили, живи преплашени кокошки врзани за екстремитетите и фрлани во воздух како да се топки, а не живи битија, обезглавена живина, труп на убиено куче заврзано за екстремитетите како плен, влечкано и мавано од толпата за да се прикаже пагански ритуал, живо куче со заврзани очи влечено (приморувано) да оди во толпата народ, иако од превезот не гледа ништо и јасно покажува паника, стрес и уринира од страв, натоварени магариња, коњи приморувани да одат во толпата, тепани доколку не сакаат да продолжат, обезглавени зајаци. Шокирани сме што наместо уметност, досетливост, хумор и сатира, Вевчани овозможи и толерираше насилство, страв и крв, безумие“ – реагираат од здружението.
Според нив, уметноста која секоја година ја прикажува најстариот карневал во нашата држава е засенета.
„Која ли траума и мачење е тоа за животните? Која ли траума за посетителите на овој традиционален настан, меѓу кои и многу дечиња? Што сака со овој „маскенбалски чин“ да се постигне и дали е ова дел од традицијата човечна? Како ли може да се исмејува нечија смрт? Дали е тоа човечно? Дали е ова културен чин кој треба да биде промовиран од владата на РМ и министерството за култура?“ – реагираат и од здружението „Анималиа“ од Охрид.
„Анима мунди“ заедно со здруженијата Анималиа (Охрид), Гласот за животните (Велес), Animal world (Струга), Втора шанса (Кочани), Мали херои (Битола), Фауна (Куманово) бараат од организаторите, Министерството за култура, министерката Елизабета Канческа-Милевска, општина Вевчани, градоначалникот Цветомир Угриноски да ги откријат поединците, да ги осудат и да ги казнат оние кои ги мачеле животните, зошто во спротивно би ги сметале за соучесници.
Фотографиите на кои се гледа мачењето на животните ги доставиле до Агенцијата за храна и ветеринарство, директорот Зоран Поповски и Секторот за заштита на благосостојбата на животните. Тие бараат итно да се постапи согласно Законот за заштита и благосостојба на животните, кој вели дека е забрането предизвикување на болка, патење или повреди, сурово или нехумано однесување.