Целосно соопштение на ААВМУ од извршен програмски надзор врз Алфа :
Веднаш по емитувањето на вчерашното издание на емисијата „Збор по збор“ на ТВ Алфа, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги спроведе вонреден програмски надзор по службена должност и констатираше дека Телевизијата прекрши две начела за вршење на дејноста.
Имено, со начинот на кој беше формулирана темата за комуникација со гледачите, ТВ Алфа постапи непрофесионално и спротивно на законските начела за „негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот“ и за “еднаквост на слободите и правата независно од полот“.
ТВ Алфа донела уредничка одлука да употреби израз којшто е дискриминаторски и навредлив, односно се користи за етикетирање и дерогирање на ЛГБТИ – лицата. Телевизијата е свесна дека употребата на ваквиот термин е непрофесионална на што укажува и фактот што водителката на емисијата избегнува да го употреби, па дури и наведува оти ваквиот избор не бил нејзина одлука. Исто така, во конкретната ситуација, медиумот не прави разлика меѓу одговорноста што ја носи кога информира за настани што се случиле и кога самиот е извор на дискредитирачки изрази.
Агенцијата ги потсетува медиумите, како што неодамна ги потсети и политичарите, оти почитувањето на европските стандарди за слобода на информирање подразбира дека – при поттикнувањето на дебатата во јавноста за актуелните прашања треба да настојуваат дискусијата да биде на достоинствено ниво, а не да придонесуваат за неговото снижување.