По само неколку недели прикажување, Алфа ја прекинува својата турска серија “Дневникот на Фериде”. Серијата беше на големо рекламирана и на Алфа телевизија, и на интернет, и во весниците, но тоа не беше доволно за серијата да привлече голем број на гледачи. По толку голема реклама, серијата на телевизија не издржа повеќе од 5 недели емитување и 9 турски епизоди. Како што Алфа вели, серијата сепак со втора сезона ќе продолжи со емитување од есен.
“Серијата која во Турција постави нови високи стандарди во телевизиската продукција и која гледачите во Македонија преку Алфа ТВ имаа можност да ја следат први на Балканот, ќе продолжи со емитување од следната есен.”
Ако серијата продолжува од есен, на гледачите не им е јасно зошто се брзаше со нејзино започнување сега за веднаш да биде прекината.
Серијата се уште се прикажува во Tурција и тоа со многу низок рејтинг, а веројатно е дека ќе доживее само една сезона. Ова не е прва серија која е прекината од Алфа. Пред една недела изненадно од програмата на Алфа исчезна мексиканската новела “Амбис на љубовта” за која се уште никој не знае што се случило, а со емитување не продолжи ни српската серија “Фолк”. Долгонајавуваната хрватска серија “Тајни” досега не го виде светлото на денот, како ни македонско играно документарната серија “Алфа акција”.
Дани Петковска | ТВ Пакет