По неверојатната популарност која ја доживува српскиот филм “Тома” за време на празниците, со свое видување за филмот се огласи и најдобриот македонски менаџер Бобан Милошески, сопственикот на неприкосновената Авалон продукција. Во продолжение, неговиот целосен ФБ статус :
“За филмот ,,Тома”, за оние кои ги нема и за она што веќе никогаш нема да го има.
Одамна не сум осетил потреба да кажам нешто јавно.
А, и зошто би, кога светскиот момент е толку безнадежен, а она низ што проаѓаме регионално и локално е толку комбинација на смешно и тажно, да немам никаква потреба да коментирам никакво општествено-политичко-социолошки момент на сегашново живеење.
Ова што сега се игра не е моја утакмица.
Ама, за Тома – мора 🙂
Филмот е извонреден. Холивуд на југо начин.
Крв, солзи, солзи, и по малку смеа.
Дека ова се случува ми беше јасно уште на премиерата на филмот во преполниот Сава центар на која присуствував со огромно задоволство, иако се најдов случајно во Белград баш во тоа време.
Морам да признаам дека бев шокиран од две работи – прво од гламурозно холивудскиот начин на организирање на премиерата (со векови далеку од било што регионално, впрочем каква што е и продукцијата на српските филмови и серии во моментов), како и од фактот што не сум видел во живот толку луѓе да плачат на филм.
Инаку, дека се работи за Југославија, а не само за Тома ми стана јасно кога премиерата беше прекинувана со акламативни аплаузи на појавата на Цуне, Тозовац, Чолиќ, Даворин, Кемал Монтено…
А, и Бијелогрлиќ е ко мене – безуспешно лечен Југословен и… до овде нема ништо спорно.
Напротив, чисто емотивно уживање.
Кој сака нека глуми квази – авангардно лудило, ама толку многу солзи не паѓаат незаслужено.
Проблемот настанува во моментот кога сфаќаш… или читаш, или ти кажуваат дека 90% од најдобрите и најемотивните сцени од филмот се безобразно измислени?!
Па мајку му, како може да искористиш биографски филм со толку многу фејкови, да фрлиш 20.000.000 луѓе во колективен емотивен транс со лаги, невистини и полувистини?
Па сега, плачењето се претвора во смеење кога денес читаш дека жена му на Тома вика “Па он није написао текст песме ,,За Лилјану”, можете на омот да видите ко је текстописац?!”
Па онда Лепа вика, ,, ,,Срце је моје виолина” сам певала после Томине смрти… нисам ја могла певати на том концерту.”
Па, менаџерот не ни постоел.
Лично, мене многу ме погоди (не ми е срам да признаам – ме скрши), она кога Тома, Даворин Поповиќ и Кемал Монтено во Зетра, Сарајево ја пејат навистина бeзвременската ,,Што те нема” на историски потценетата Јадранка Стојаковиќ, во време кога веќе во Словенија и Хрватска е почната војната и кога на сите им е јасно дека Југославија ќе ја нема.
Но, дали стварно ја пееле, сега кога ова го пишувам, еве – не знам 🙂
И онда врвот- Јоксимовиќ вика ,,сви смо плакали док смо снимали сцену за Лилјану”!
Па што сте плакали… зато што сте је измислили тако добро, требали сте да уживате и да се смејете!
Да се разбереме, овде тезата ,,па филм е тоа”, не проаѓа!
При самото мое гледање на филмот во Сава центар ми беше комплетно јасно дека мноооогу работи се надуени (е, тоа е дозволено и очекувано од биографски филм) ама, тоа е многу поразлично од комплетно измислени!
Ова е јебени биографски филм и не се дозволува манипулација од овој тип – без најава на почетокот на филмот.
Ова е исто ко, да речеме, во Bohemian Rhapsody да ставеле дует од Freddie и Prince (кој никогаш се нема случено) со некоја тажна балада и цела сала да плаче што ги нема веќе двајцава починати.
Вака, од биографски филм произлезе многу квалитетна латино америчка серија која не’ спушти на ниво на луѓе кои мислат дека Касандра не е глумица… туку е стварно Касандра.
Возот отиде.
Фикцијата е сфатена како стварност.
И песната која ја пејат во дует ја напишал во 2020 Јоксимовиќ лично ( еве, јас пишувам песна што ја пејат Тома и Силвана?!?)… оној истиот Јоксимовиќ кој плачел од тага за жената на докторот.
И таа песна ќе стане евергрин.
Дует на Тома и Силвана, починати одамна со песна напишана 2020 година.
Колку бизарно е ова?
Која јебена светска манипулација на типично балкански начин! Секоја чест!
И, за крај.
Тома е легенда – факат.
Сепак уникатен боем каков можеше да се роди само во тоа време и во таа земја.
И ние што растевме и тоа време слушавме Bauhaus, Joy Division, The Clash, Cocteau Twins… имавме премолчен респект само за две имиња: Шабан Бајрамовиќ и Тома Здравковиќ.
Гласно не ги фалевме (не дај боже слушавме)… ама ги почитувавме.
Затоа што, пред се, тие се прави blues пејачи и затоа што не можеш да замижиш пред нивниот квалитет, искреност, тага и се’ по ред.
Тома заслужил биографски филм.
А, не шпанскa серија.
Има доволно вистина во неговиот живот за да ги има сите атрибути ко оваа фикција.
Овие што ова го продадоа не разбираат дека вака го срушија митот!
Барем кај тие… што разбираат.”
Бобан Милошески