Романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски излезе на руски јазик во Москва. Преводот од македонски на руски за книгоздателството „Рудомино“ е на Олга Панкина, темелен познавач на двата јазика и голем популаризатор на македонските културни вредности во Русија.
Главниот уредник на реномираниот руски издавач Центар за книга „Рудомино“ Jуриj Фридштеjн, поет и критичар, човек со огромно искуство на полето на книжевноста е воодушевен од романот на Миневски.
Во препораката стои дека се работи за фасцинантна наративна структура која се „исчитува“ на повеќе нивоа, а особено автентичен е раскажувачкиот слој кој е препуштен на предметите, растенијата и птиците, со што приказната раскажана однатре, од срцето на самото постоење, го фиксира животот таков каков што тој не помни, а ние сме го заборавиле. Како што велат во „Рудомино“, станува збор за оригинална иновација која животот го воспоставува, чува и брани од самото срце на постоењето, маестрална проза за постоењето надвор од постоењето, почнувајќи од мајсторските слики па сè до начинот на кој се води приказната.
Романот за реалното отсуство и фиктивното присуство е објавен во тираж од илјада примероци, во специјална едиција, многу квалитетно реализирана, во тврда подврска и современ ликовно-графички дизајн. Автор на дизајнот е Петр Бем а на корицата е аплициран фрагмент од слика на македонскиот академски сликар Владимир Темков.
Дани | ТВ Пакет