Централна Новогодишна програма со сосем различен концепт, филмови од секаков жанр, од холивудската но и од домашната филмска продукција, втората сезона од Танц со ѕвездите, посебна програма за најмалите и традиционалниот Виенски концерт ќе овозможи Македонската телевизија за празниците.
„На преминот од старата во новата година МТВ традиционално ќе понуди повеќе програмски содржини од најразличен карактер. Подготвена е програма за сите генерации, која ќе го собере семејството пред малите екрани, па дури и ќе ги привлече и најприбирливите. Оваа година избравме идеалната комбинација во која покрај новите изненадувања ќе ги прикажеме и потсетиме и оние содржини кои беа најгледани во годината што измина. Сепак она по што ќе бидеме најпрепознатливи се филмските содржини кои ќе ги има во изобилие се до Божик“, изјави Диме Ратајкоски, одговорен уредник на МТВ1.
Вечерта ќе започне со спектакуларниот Новогодишен концерт на Танец, а понатаму ќе биде обоена со специјално избрана и дизајнирана музичка програма, во којашто покрај ревијалното издание на Танцот со ѕвездите, на атрактивниот подиум ќе блеснат и дел од најреномираните музички имиња од македонската забавно – музичка сцена.
“Оваа година имаме нов предизвик за реализација на централната Новогодишната програма на МТВ, сосем различна од минатогодишните изданија. И како концепт, и како аудио – визуелна содржина и доживување. Оние коишто ќе одлучат новогодишната ноќ да ја поминат во домашен амбиент, во друштво со Македонската телевизија, ќе имаат можност да уживаат во гламурозна и свечена новогодишна програма“, изјави Мери Попова, уредник на забавна програма на МТВ.
Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ, Теодосиј Спасов и Македонска Филхармонија со проектот насловен Balkan Fever и како супер концерт комбинацијата на најновото од Архангел со Македонска Филхармонија се дел од новогодишниот програмски маратон. За друштвото да биде целосно ќе се погрижат Павароти и пријателите.
Casino Royale и Quantum of Solace, се само вовед во маратонскиот предизвик да се остане пред малите екрани, зошто токму филмовите од секаков жанр се годинешниот адут на Јавниот Сервис. Секој ден од 1 до 8 јануари, од 20 часот па се до раните утрински часови ќе има филмска програма со многу акција, драма и фантастика, како и романса. Најновите македонски филмски хитови, Трето Полувреме во режија на Дарко Митревски, како и филмот Балканот не е Мртов во режија на Александар Поповски се дел од оваа филмска програма исто така.
Новогодишното утро традиционално ќе започне со звуците на Виенските мајстори од Златната Сала. Најмладите вистински ќе уживаат со Дора и Диего, во зимски авантури, со Фред Мраз, ѓаволестиот Денис, Том и Џери во зимската оревокршачка, како и незгодите на суперхеројот Супермен. Изненадување ќе претставува детското новогодишно шоу во реализација на МТВ, кое изобилува со многу детска игра, забава, танци и музика, сето тоа во духот на зимата и Новата Година.
| ТВ Пакет