Мисија за добро презентирање на вестите!
Во новата драмска серија „The Newsroom“ (Вести) приказната се врти околу еден водител на вести (Џеф Даниелс), неговиот нов извршен продуцент (Емили Мортимер), неговиот кадар и шефот. Тие се обидуваат да ги презентираат вестите на најдобар можен начин. Заедно се на патриотска мисија за успешна презентација на вестите, соочувајќи се со корпаративните и комерцијалните пречки, како и со своите лични проблеми.
Во пилот епизодата, преживувајќи ги последиците од јавен испад, водителот на „News-Night“ на „ACN“ телевизија, Вил Меквој, се враќа на работа и открива дека неговиот извршен продуцент и повеќемина од персоналот ја напуштаат емисијата. Вил дознава дека му е доделен нов извршен продуцент, Мекензи Мекхејл – негова поранешна девојка. Вил и остатокот од персоналот веднаш се соочуваат со предизвик кога добиваат нова вест. Ако се земе в предвид дека сценариото е на оскаровецот Арон Соркин, кој ги создаде и „The Social Network“ „West Wing“ и многу други, може да се очекува вистинска вербална драма и сплетки помеѓу ликовите. Главните улоги ги толкуваат Џеф Даниелс, Емили Мортимер, Сем Вотерсон, Џон Галагер Џуниор, Алисон Пил, Томас Садоски, Дев Пател и Оливија Мун.
Понеделник, 20.05 часот на „HBO“.
Nikola S. | ТВ Пакет