На 29 април, во камерната сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи хуманитарен концерт со исклучително значење – музичка вечер исполнета со класика, солидарност и поддршка. Концертот е во организација на институтот „ФЕЈМС“, со учество на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.
Средствата од продадените билети ќе бидат донирани за фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани, каде што животите ги загубија над 60 лица, а повеќе беа повредени.
– „Во моменти кога зборовите не се доволни, музиката може да биде најчистата форма на утеха и солидарност. Овој концерт е наш начин, преку уметноста, да им дадеме поддршка на семејствата погодени од оваа незамислива трагедија. Исклучително сме благодарни на Роман Симовиќ што ја прифати поканата да настапи и ја стави својата уметност во служба на хуманоста“, изјавија од „ФЕЈМС“.
На концертот, публиката ќе има ретка можност да ужива во изведба на дела од Бетовен – Концерт за виолина и Симфонија бр. 7, под палката на маестро Симовиќ и оркестарот на „ФЕЈМС“ институтот составен од млади, исклучителни музичари од различни европски земји. Настанот се организира во соработка со Црвениот крст на РСМ, а на самиот концерт ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација.
Инаку, Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс.
Билетите се веќе достапни преку mktickets.mk – со строго ограничен број места, оваа вечер ветува уникатно, интимно музичко доживување со длабок хуманитарен карактер.
Дани | ТВ Пакет