Изложбата „Одбиенале 2021″ e отворена на 19-ти мај (среда) во Public Room – Јавна Соба, а љубителите на уметност ќе имаат можност да ги погледнат делата до 2-ри јуни 2021.
Следејќи го примерот на францускиот „Салон на одбиените” што во далечната 1863 година бил организиран под покровителство на Наполеон III, за уметниците чиишто дела биле одбиени од жири комисијата на официјалниот париски „Салон”, 15 млади македонски уметници одлучија да и ги покажат на јавноста делата што беа одбиени на конкурсот за 13-тото Биенале на млади уметници, во организација на МСУ, Скопје.
Всушност, како своевидно „наследство” од француските колеги импресионисти, но и колегите од македонскиот Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. што во 2011-тата организирале сличен настан, организаторите на изложбата „Одбиенале 2021″ сакаат да ја потенцираат потребата од алтернативни „неофицијални” изложби, за да се спречи високо-конзервативните академски тела да доминираат и во естетиката и во јавниот вкус во уметноста. Јасно е и жално, што истиот проблем, кај нас се провлекува во континуитет.
А токму таа „Страст за лутање” којашто нема и не смее да има граници ги обедини одбиените, без разлика на сè, да ги понудат и прикажат своите дела на јавноста којашто е најповикана да даде оценка. (Не)селекцијата не значи дека делата кои уметниците сметаат дека се одраз на нивните идеи не треба да бидат изложени, напротив, делата се создаваат за да бидат видени!
Учесници: Марко Тасевски, Воскресија Андреевска, Ико Илиевски, Гаја Смилевска, Христина Ѓорѓиевска, Дејвид Стоилковски, Васил Гаврилов, Дарко Трајковски, Андреа Ангеловска, Стефан Божиновски, Александар Ефтимовски, Маргарита Симовска, Марија Трпеска и Ива Станковскa.
Дани | ТВ Пакет