Во какви услови работата македонските работници? Колку од нив се пријавени и осигурани? Кој и колку се грижи за здравјето и безбедноста на македонските културни работници, спортисти, новинари, свештени лица, градежници, земјоделци и сите останати… На овие и многу други прашања поврзани со безбедноста и здравјето при работа, ќе одговораме секоја сабота во 14.50 на Телма.
„Проектот СИГУРНА РАБОТА е регионален во соработка со BALcanOSH и ЕУ. Во фокусот на овој проект е Законот за безбедност и здравје при работа и неговата (не)имплементација во многу сегменти од нашето живеење. Освен македонските, пренесуваме искуства и од соседните земји како Албанија, Косово, Србија и Црна Гора“ – вели Јулија Цветковска, новинар и водител на емисијата.
Освен негативните искуства и позитивните пракси, емисијата ќе се обиде да информира и едуцира за сите придобивки и обврски кои што произлегуваат од правилна имплементација на Законот.
„Законот за безбедност и здравје при работа е од суштинско значење кога се во прашање превентивните мерки и политики на работно место, без разлика дали истото е на сцена во театар, на спортски терен или на градилиште. Правото на заштита при работењето е гарантирано со Устав. Токму затоа, во соработка со Македонското здружение за заштита при работа, како и останатите субјекти односно учесници во овој социјален разговор на тема безбедна и здрава работна средина, ќе се обидеме да им укажеме и на работниците и на работодавачите дека сигурна работа во секоја смисла, е сè што ни треба на сите нас“.
Сигурна работа е во реализација на Бекстејџ Медија и ќе се емитува секоја сабота со почеток во 14 часот и 50 минути. Во оваа прва сезона од Сигурна работа, ќе имате можност да слушнете и видите во какви услови работат македонските актери на сцените низ театрите во Македонија, кој ја гарантирана безбедноста на терените на македонските спортисти. Ќе слушнете и приказни на градежни работници кои што верувајќи им на инвеститорите, се здобиле со тешки телесни повреди и останале без работа. Ќе слушнете многу лични примери и приказни за тоа како не треба, но и за тоа како треба. Во Македонија има компании, во кои што имплементацијата на овој Закон не е избор, туку вистински пример за позитивна пракса.
Дани | ТВ Пакет