Далечната 1997 година… месец октомври. Се случи чудо. Се појави “Касандра”.
Засекогаш се промени судбината не само на македонските телевизии, туку и на македонските граѓани кои за прв пат имаа прилика да се запознаат со “Касандра”, серијата која буквално “растури” во гледаност и стана легенда во која народот гледаше спас од транзицијата.
Вистинска штама во Македонија за време на прикажувањето на овој феномен, првата латиноамериканска теленовела која ги помести критериумите на телевизијата не само во Македонија, туку и на Балканот.
Поради огромната и незапаметена популарност на серијата дотогаш, се случи една колективна хипноза на народот на овие простори. Жива душа немаше по улиците додека одеше Касандра на ТВ.
Се знаеше дека сите продавници мора да затворат до 20 часот затоа што тогаш настануваше масовен опиум на народните маси.
Не дај Боже да помислиш да одиш на гости во 20 часот. Не дај Боже да се јавиш некому во тој термин.
Не дај Боже некој да посака да гледа нешто друго во тој термин. Се знаеше – 20 часот е термин за Касандра, богатото девојче кое по самото раѓање, беше заменета со друго бебе и чиј живот продолжи во виорот на циркуските бои, акробатските атракции и чергарските патешествија.
Поради огромниот успех на серијата, тогашната дистрибутерска куќа КАН реши да ги донесе главните ликови и во Македонија. И може да замислите – лудило во секој поглед.
Се носеа по стадиони, се шетаа низ градови, беа главна тема на сите вести, политичарите со задоволство им приредуваа спектакуларен пречек. А како изгледаше дочекот на Касандра и Ранду во Македонија, погледнете од приложеново :
Дани | ТВ Пакет