Канадскиот музички центар при „Полифонија“ од Скопје, во соработка со Амбасадата на Канада од Белград, реализира концерт на Квартетот „Молинари“ од Монтреал, во рамките на одбележувањето на Канадските Денови. Концертот ќе се одржи утре (27 ноември) во Камерната сала на Филхармонија во 20 часот. На програмата се композиции од канадски автори со светско реноме: M. Schafer, A. Sokolovic, S. Nesic, D. Jordanovski (премиерни изведби во Скопје).
Квартетот „Молинари“ е резидентен квартет на Конзерваториумот за музика во Монтреал, и е составен од уметници со фасцинантни професионални кариери: Олга Ранзенхофен, виолина; Антоние Бареил, виолина; Фредерик Ламберт, виола и Пјер-Алан Буврет, виолончело. „Молинари“ е ансамбл со меѓународни признанија од јавноста и критичарите, и уште од своето основање во 1997 година си поставува за задача да презентира музика од ХХ и ХI век напишани за гудачки квартет.
Опишан е од критичарите како „суштински“ и „продуктивен“ ансамбл, дури и како „канадски одговор на Кронос или Ардити Квартет“. Етаблирајки се како еден од водечките ансамбли на Канада, Квартетот настапува на бројни концертни серии и фестивали низ Канада, Европа и Азија.
Концертот е поддржан од Канадската Амбасада, Канадскиот Совет за Култура (Canadian Council for the Arts) и Министерството за култура на РСМ.
Дани | ТВ Пакет