Од понеделник до петок во 22.15 часот на Канал 5 ќе се емитува новата емотивна драма “Куфер со спомени”, која е во тек на снимање и прикажување и во матичната земја.
Што значи да се биде мајка?
Да бидеш гласник на надеж, пример за храброст и олицетворение на вистинска љубов или многу повеќе од тоа? На тој пат, тенка е линијата од бескрајна среќа до длабока тага….
„Куфер со спомени” е емотивна приказна во која е спакуван сиот товар што секој член од едно семејство го носи со себе, проткајан со нијанси на љубов, пријателство, жртва, поддршка и една силна, нераскинлива врска.
Карсу е една тажна жена која живее во несреќен брак. Нејзиниот сопруг Реха е неодговорен човек и бескорисен татко, па кога Карсу ќе го роди нивното трето дете, таа сфаќа дека не може сама да се грижи за сите деца и да ги издржува.
Затоа го испраќа својот тригодишен син Кузеј во Истанбул за да остане извесно време кај нејзината ексцентрична мајка Филиз.
Меѓутоа, на пат кон Истанбул со својата баба, малиот Кузеј исчезнува. Карсу ја обвинува својата мајка за исчезнувањето на детето, а пак Филиз ја обвинува неа затоа што не се грижела доволно за сите деца.
Поминуваат три години. Три години на потрага по детето и секојдневна надеж дека ќе се најде. Секој ден е како прв ден за мајката која изгубила чедо затоа што болката не престанува.
Но, одеднаш таа го наоѓа своето дете кое растело покрај друг човек и за кој верува дека му е татко. За оваа тажна жена следува тешка битка да си го поврати синчето кое не ја препознава затоа што мајчинската љубов е сепак поголема од сѐ друго на светот. Затоа што таа е мајка, а една е мајка.
Дани | ТВ Пакет