Почетна / Живот / Македонија по 12-ти пат дел од акцијата – Часот на планетата Земја

Македонија по 12-ти пат дел од акцијата – Часот на планетата Земја

Милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја, во сабота на 27 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја. Точно во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

Глобалните истражувања покажуваат на тоа дека светот не успеал да ги исполни целите за зачувување на биодиверзитетот во 2020 година, и тоа се случува веќе 10 години по ред. Часот на планетата Земја како еколошка акција е клучна можност за поединците, невладините организации, бизнисите и сите други да ги повикаат светските лидери да го стават фокусот на зачувување на природата, како најважната алка за опстанокот на животот на Земјата.

– „2021 година е клучна година за човештвото. Додека светот се обидува да се опорави од пустошот на пандемијата со КОВИД-19 и да се изгради повторно, треба да ја ставиме природата во центарот на нашите напори за обновување за да ја осигураме нашата иднина на оваа планета. Часот на планетата Земја е критичен момент за поединците, лидерите и еколозите да се обединат и да повикаат на итни мерки за да се врати загубата на природата и да се обезбеди природен позитивен свет до 2030 година!“ – вели Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа (WWF).

 

 

Нашата земја 12 години по ред зема активно учество во еколошката акција за спас на Земјата, обединувајќи стотици илјади луѓе ширум државата во едночасовниот глобален мрак.

Официјално беше објавен и рекламниот спот, во кој поддршка дадоа Црвениот крст на РСМ и Здружението на извидници на Македонија, како и голем број на познати личности, меѓу кои актерот Васил Зафирчев, зоологот Војо Иванов и водителите Ване Марковски и Јана Серафимова.

Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата во Македонија, вели дека поради пандемијата, оваа година настанот ќе се одбележи виртуелно и повикува акцијата да ја префрлиме од улиците во нашите домови, со тоа што ќе ги исклучиме непотребните светилки во период од еден час.

– „Полицискиот час во Македонија започна со одбележувањето на Часот на планетата Земја минатата година, и еве една година потоа, ние се уште сме во ситуација виртуелно да ги одбележуваме ваквите иницијативи. Работиме на уникатен онлајн настан, дигитална конференција за климатските промени, за која повеќе детали ќе објавиме во деновите кои следуваат. Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во нашата земја, секако доколку не се зголемат или продолжат превентивните мерки против пандемијата со КОВИД-19 до 27 март. Повикот за акција важи и за граѓаните, па ги повикуваме масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови.“ – вели Селков.

Од канцеларијата на Часот на планетата Земја во нашата земја велат дека само почитувањето на правилата кои ги диктира природата е услов да го вратиме изгубениот баланс на Земјата.

– „Нашиот сегашен начин на живеење доведува до катастрофално уништување на природата што ја зголемува нашата ранливост кон пандемии, ги забрзува климатските промени и ја става во ризик нашата егзистенцијата. Затоа е важно да сфатиме дека секој од нас има моќ да направи промена, а нашата акција е мал поттик и повик за акција кон целиот свет.“ – додава Ѓорги Селков, организатор на акцијата во Македонија.

Инаку, во минатата деценија, Часот на планетата Земја инспирираше глобално учество во критични иницијативи за природата, климата и животната средина, помагајќи во кревање на свеста за проблемите со кои се соочува нашата планета. Изминатите години, движењето помогна во создавање на 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, WWF-Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични кеси, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека пак WWF-Индонезија иницираше засадување на 20.000 садници од мангрови во 13 градови.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 27 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.
Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добитниците на награди на Струшките вечери на поезијата 2024

Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, заврши 63. …

error: Содржината е заштитена!