Деновиве порталот Музика24 информираше дека неофицијално шефицата на македонската делегација си поднела оставка на таа функција и сè што е поврзано со Евровизија.
Ако е така, тоа е логичен редослед на настаните. Гест кој е за поздравување бидејќи таа како шефица на делегацијата ја чувствува вината со т.н. скандал со знамето за кој непотребно се дигна прашина, особено што знамето не беше фрлено или згазено и не беше големото знаме. Такви мали знамиња секогаш се фрлаат по секој спортски натпревар. Но, тоа не е целта на овој текст.
Македонија треба да учествува на Евровизија, а не да размислеле дали ќе учествувале после негатвиниот имиџ кој го имал фестивалот. Фестивалот напротив нема негативен имиџ туку секогаш кога ние сме биле во финале, гледаноста била најголема.
Сите се сеќаваме на еуфоријата кога Тамара добиваше 12 поени од жирито.
Негативниот имиџ на фестивалот го прават хејтерите на twitter или другите социјални мрежи кои буквално се служат со говор на омраза за било што во општеството.
Тој говор на омраза не е присутен само овде, туку насекаде. Шпанската претставничка Шанел која за малку не победи оваа година, имаше само 3,9% од телевотингот и сите буквално ја нападнаа дека била наместена победата. Да не беше Украина, најмногу поени од телевотингот ќе имаше токму Шпанија и ќе беа победници, тоа е веќе сигурно.
После секој пораз на било која спортска репрезентација овде секогаш имате негативен имиџ за тоа како требало да се игра, кои не требале да бидат во тимот итн, итн, експерти за се, од корона, преку воени стратези, до спорт и музика.
Од тоа МРТ не може да се спаси и не треба да обраќа внимание на негативниот имиџ.
Секако треба да се спомне дека македонското жири гласало по свое убедување и даде 12 поени за Шпанија, 10 за Србија и 8 за Велика Британија. Македонските гледачи не се разликувале многу – 12 за Србија, 10 за Шпанија и 8 за Украина. Тоа значи дека гледачите на второ место ја ставиле Шпанија, а жирито на 1 место. Скоро и да нема разлика.
Е, сега зошто не гласало жирито за Србија? А зошто да гласа за Србија? Зошто жирито на Србија и Црна Гора не гласало во второто полуфинале за нас туку сме добиле само 1 поен? Андреа од жирито на Германија добила 12 поени, 10 поени од Чешка, 7 поени од Австралија и Велика Британија и повеќе поени добила од Полска, Малта, Романија и Финска отколку од Црна Гора и Србија.
Нашето жири во полуфиналето дале 12 поени за Србија и 3 за Црна Гора. Ако ние од жирито на Србија и Црна Гора сме добиле по 12 или 10 поени, Македонија ќе беше во финалето место Азербејџан. А токму оваа земја и уште други 5 земји беа фатени во размена на поени за време на второто полуфинале и гласовите на нивните жирија беа сменети со алтернативното гласање на ЕБУ.
И уште нешто многу важно, немојте сите да се правиме дека Констракта била најдобра, ние да пратевме таква песна токму тие што негативно коментираат денес за Евровизија, овде ќе плукаа по нашиот претставник со таква песна.
За време на српскиот избор, сите навиваа за Сара Џо – според коментарите на мрежите овде и паѓаа во несвест, за после истите тие да се воодушевени од уметноста на Констракта. Невиденио лицемерие, ама така е за сè, па така и за Евровизија.
Македонија треба да учествува на Евровизија, тоа е единственото место каде нашите можат да стапат во контакти за понатамошна кариера, без разлика дали ќе го искористат тоа или не, и не мора тоа да биде светска кариера, доволно е регионот да чуе за нашиот претставник.
Ланските победници Манескин се пример како се прави светска кариера, се пробија дури на американскиот континент.
Оваа година тој потенцијал го има шпанската претставничка бидејќи освен Италија, најстримувана песна и најпопуларна претставничка е токму Шанел.
Е сега замислете после сите критики државната ТВ на Шпанија да кажеше, ние ќе се откажеме премногу негативни коменатри има на социјалните мрежи, буквално сите беа против Шанел. Напротив државната ТВ веруваше во неа, и успехот и беше загарантиран.
После многу години на лоши пласмани и секогаш меѓу последните 5, Шпанија за малку не победи оваа година и реално таа е вистинскиот победник, бидејќи сите знаеја дека поради симпатија, на телевотингот Украина ќе биде победник, тоа го докажува и гласањето на македонските гледачи кои ја рангираа на 3 место со 8 поени.
МРТ треба само да најде добра екипа која ќе осмисли нов пристап кон Евровизија, и која ќе може да донесе подобар успех за влез во финалето. Се друго, како и негативните коментари треба да ги заборави. Секое чудо за 3 дена, особено кај нас.
Многу земји со години не влегувале во финалето, и не се откажале, а последниве години бележат успех. Ирска е пример која има најмногу победи, а сега талкаат и многу ретко се во финалето. Доволно е да се смени пристапот, да се внесе свежина и да се работи на подобар успех. А, тие што негативно гледаат на тоа, ќе го прават истото и понатаму, дури и кога некој ќе постигне успех. Од тоа нема бегање.
Затоа, поддршка до МРТ да најде нови луѓе, со нови идеи кои ќе има донесат подобри резултати и секако благодарност за досегашната екипа која успеа со Калиопи еднаш и со Тамара особено да го донесе најголемиот успех за нашиот претставник.
- *Teкстот е став на наш верен читател кој го пренесуваме во целост.
| ТВ Пакет