Репризно како и сите останати содржини ова лето на Телма, но сепак, вреди да се погледне.
По обид за самоубиство на едно десетгодишно дете, кое е жртва на малтретирање во училиште, Стела (шарпланинка) е единствената која може да го спаси и да му ја обнови верата во животот. Тие заедно со еден дедо го носат товарот на своите животи, но судбински се наоѓаат, изгубени во своите приказни за да во текот на оваа авантура постанат семејство, бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, учејќи лекции за животот и новите почетоци.
Во филмот главните улоги ги толкуваат младата шарпланинка Стела, дванаесетгодишниот Петар Маниќ (кој за прв пат е на долгометражен филм), Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“.
Филмот е сниман на три локации – Галичник, Скопје и Штутгарт – Германија и е копродукција меѓу „Дрим Фектори“, продуцент Огнен Антов, „Акција Продукција“ од Србија (продуцент: Јована Караулиќ) и „Моуна“ од Германија (продуцент: Никол Акерман). Покрај финансиските средства добиени од „Агенцијата за филм на Република Македонија“, филмскиот проект „Стела“ поддршка доби и од „Филмскиот центар на Србија“ и Баден Вунтеберг филмскиот фонд во Штутгарт, Германија.
Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата е на Ѓорѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, снимател на звукот е Срѓан Бајски, монтажер е Данчо Стефков , а сценограф Влатко Зафирковски.
Дани | ТВ Пакет