Почетна / Живот / Младински образовен форум одбележа 25 години постоење

Младински образовен форум одбележа 25 години постоење

Преку рефлексија на достигнувањата на Младински образовен форум (МОФ), но и преку отворена дебата за иднината на образованието и улогата на младите во нашето општество, денеска МОФ одбележа 25 години постоење.
На конференцијата по повод јубилејот, директорката Теодора Столевска во воведот посочи дека МОФ е заедница на млади луѓе, која негува активизам, дебата, слободно изразување и критички освестени млади што учествуваат во демократските процеси.

„Во овие 25 години, МОФ зад себе има 830 младински клубови, 59.926 млади што проциркулирале низ организацијата, 153 дебатни турнири, 259 јавни дебати, 532 предавања и тренинзи, 23 МОФ академии, 83 публикации, 206 посетени институции, 207 локални и национални акции, 68 истражувања, учество во 13 јавни политики, скоро 11,7 милиони посети и 46.561 објавени содржини на Радио МОФ“, рече Столевска.
Мартин Галевски, истражувач во областа на образованието, зборуваше за предизвиците во моменталниот образовен систем и како да ги адресираме. Според него, милениумските цели и целите на ОН – поради политиките и социјалните контексти – многу назадуваме за да ги исполниме до 2030 година.
„Истражувањата во последните 60 години покажуваат дека образованието е најдобрата инвестиција. Државата треба да размисли за инвестирањето, не само за висината, туку и за корисноста на средствата. Друго, ако сакаме да имаме критички, мислечки луѓе, тогаш прв чекор е од репродуктивно знаење, повторување на материјал од учебникот, насочување на когнитивното знаење, разменување на различни концепти. Исто така, треба да се зголеми поддршката за наставниците и да се обмисли врската меѓу наставникот и ученикот. Последно, ако ја градиме идејата за еднаквост, образованието мора да почне порано, за што помлади луѓе. Кај нас 46% деца одат во градинка, а ЕУ процентот е над 90%. Ако се земе бројката на деца од 3-18 годишна возраст, преку 50.000 вакви деца се надвор од образованиот систем“, посочи Галевски.

Анастасија Саша Тофоска, тренер по дебата во МОФ, ја нагласи важноста на неформалното образование, посочувајќи дека постои голема разлика со она што го нуди наспроти формалното, а тоа е начинот како се изведува, кој го изведува, наставата, методологиите, самата атмосфера што владее.

„Неформалното се оттргнува од предавање и запомнување на факти, туку се служи со искуствено учење, групна работа, но и дебатата – која ми е многу блиска. За да дебатираш, треба да се запознаеш со разни теми, кои понатаму може ќе те насочат во животот. На крај на средно сакав да следам медицина, да бидам лекарка, докторка, но преку дебатата сфатив дека многу повеќе ме интересираат општествените науки. Затоа, формалното образование мора да преземе некои од ваквите методологии, треба поддршка од институциите, но и резиција на повеќе програми“, забележа таа.

Во однос на инклузивното образование, особено за секојдневните потреби на младите со проблем со слухот, зборуваше Христина Божиновска Ѓикова – воспитувач во ДУЦОР „Партенија Зоографски“. Таа самата како глуво лице, смета дека постоечниот модел на инклузивно образование во иднина треба да се коригира.
„Мојот пример, е тесно поврзан со глувите лица. Глувите ученици можат да бидат дел од инклузивното образование, но не по секоја цена. Бидејќи глувите лица, ако се вратиме години наназад, кога биле вклучени во специјално образование, внатре меѓусебно си комуницирале на знаковен јазик. Се дружеле на тој начин и наставата ја стекнувале преку знаковен јазик. Тоа е нивната култура, имаат и свој тип на хумор, шеги, итн. Сега, во ред е да имаме глуви лица во редовното образование, но, ќе бидат осамени во средината каде живеат. И, им се одзема правото да користат знаковен јазик, или им се намалува. Оваа држава предвидува образовен асистент, но не предвидува толкувач како образовен асистент. Образованите асистенти се од други профили, па, самото глуво лице губи право да стекне знаење на знаковен јазик. А, на глувите лица им треба квалитетно образование“, посочи Божиновска Ѓикова.

Александар Николовски, претседател на Универзитетско студентско собрание на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се осврна на високото образование. Рече дека постојат премногу унивезитети во однос на 1,8 милиони жители во државата, а потребни се и измени за студентскиот стандард, Законот за субвенциониран оброк…
„Квалитетот не е во квантитетот, туку во структурни решенија. Нема задолжителна пракса во голем дел од факултетите. Како студентско Собрание формиравме посебна Комисија, која работеше на неформално образование, како клуч за поголем квалитет. Џабе теоријата, ако вештините не се донесат на факултетите. Треба поголем спој на вештини и теорија, со поголем фокус на реалната пракса, спојување и на бизнис заедницата, студентите и факултетите. Исто така, МОН треба да размислува за внатрешни, длабински промени, бидејќи за седум месеци увидовме многу пропусти“, рече студентскиот лидер на УКИМ.

Новинарот и водител Огнен Јанески, зборуваше за важноста од медиумската писменост во образованието. Притоа, рече тој, треба младите да ги прашаме што сакаат, да учиме од нив.

„Не живееме во она време, табула раса, каде младите доаѓаат со ‘празна глава’ Не, тие сега доаѓаат со конкретно знаење, мислење, почнувајќи и во прво одделение. Нивните знаења доаѓаат поради консумациите од социјалните медиуми. Начинот на информирање е сменет, Тик-Ток, Инстаграм, таму се консумираат содржините. Од друга страна, тука доаѓаме до потребата од поголема медиумска писменост – бидејќи поради преголемиот број содржини – се наметнува и прашањето за кредибилитетот на тие содржини. Младите следат инфлуенсери, влијателни личности. Колку што знам, во форма на изработка е Кодекс за инфлуенсерите (од Агенцијата за медиуми). Ако за нас новинарите има некои начела според кои би се воделе, така и инфлуенсерите треба да подлежат. Ако промовираат сокчиња за слабеење, да се знае каков е тој производ, дали е регуларен, колку тој може да придонесе за нарушување на здравјето на луѓето“, посочи Јанески.

Панде Ефтимов, програмски координатор на програмата Активизам во Младински образовен форум, зборуваше за младинскиот активизам, кој нагласи дека е многу важен за целото општество, а знае да биде трнлив.
„Гледаме како се споменува дека младите се апатични, незаинтереснирани, дека сакаат да избегаат од државата. Затоа и МОФ континуирано се залага за младинскиот активизам. Разни акции или иницијативи за локални, или пак општествени проблеми. Не може да постои активизам, ако тој не допре до нас, ако не го почувствуваме. Но, за поголемо вклучувањето на младите голема улога имаат и институциите, градинки, основни, средни. Формалното образование во целост“, посочи Ефтимов.

За младиското учество и нивен ангажман се надоврза Дона Костуранова, директорка во земјата за Фондација за демократија на Вестимнстер. Според нивни анализи и истражувања, само 2 од 10 млади се активни, а дури и оние што се активни, најчесто не успеваат да ги решат проблемите, туку само половина успеваат да стигнат до некаков исход. Истовремено, само 25% сметаат дека нивните проблеми се делумно или целосно решени, додека недостасува и младинско здружување.

„Младите треба да имаат капацитети. Да бидат учесници во политичкиот процес. Учеството треба да биде транспарентно, одржливо, ефективно. Ако некому не му дадеме вештини, знаење, информации, нормално е дека има понеповолна позиција некаде да биде вклучен. Тука мислам дека огромна улога имаат одиграно програмите Учиме право, Дебата, Креативен активизам, Медија арт (на МОФ), за да се креира дух и разбирање на она што го нема во формалниот образовен систем. За жал и ден денес го нема во формалниот систем. Често МОФ и невладиниот сектор имал улога на компензатор на она што недостасува во образовниот систем“, рече Костуранова, дополнувајќи дека е нужно политиките да се носат од самите млади, тие да го имаат централното место, а организациите со членството да бидат доследни и го пратат нивното имлементирање.
Истражувачката Марија Мирчевска ја посочи потребата од поефективни политики за млади, базирани на истражувања и докази.
„Два фактори, во глобални рамкизначително го отежнуваат процесот на носење на одлуки базирани врз докази, а ова се ефектира и кај нас локално, и особено врз младинските политики. Секоја година Оксфорд речникот прогласува збор на годината, во 2016 тој збор беше ‘поствистина’, што означува ситуација во која луѓето е поверојатно да прифатат аргумент врз основа на нивните емоции и верувања отколку врз основа на факти. Па така, имате ситуации кога во политички контекст политичкте елити ги слушате и не ви е важно дали тоа што го зборуваат е точно и вистинито, туку повеќе е важно што вие сакате да биде точно и вистинито. Вториот фактор е псевдонауката, а тоа е кога луѓето не само што го одбиваат тоа што е научно, туку креираат цел еден сет на квазинаука, со цел да се оправда на научен јазик нивната позиција“, рече Мирчевска, која даде примери со миграциите, или родовите политики што наидоа на дезинформации од одредени групи, па ги збунија обичните граѓанин и младите за да донесат совесни одлуки.
Ана Наумоска, локален координатор во Младински образовен форум – Струга, смета дека младите се една од најранливите категории во нашата држава. До полнолетството се зависни од формалниот образовен систем, зависни се и од нивните родители, а во денешно време и подложни на дезинформации. Притоа, имаат и многу малку познавања за тоа кои се нивните права.

„Зошто е потребно да ги знаат своите права? Сликовита ситуација: замислете дека сакате да преминете раскрсница, стоите на семафор, меѓутоа не знаете дека може да ја поминете улицата на зелено светло. Што ќе правите? Веројатно ќе стоите, чекате, меѓувремено семафорот ќе се смени неколку пати, ќе поминат неколку пати пешаци и велосипедисти, а вие ќе задоцните онаму каде сте тргнале, ако воопшто имате шанса да стигнете. Затоа, младите треба да си ги знаат правата најпрво да си ги остваруваат, за да се заштитат. Многу од младите не знаат дека постои Закон за практиканство, за паричниот надоместок што им следи како практиканти. Во Законот за средно образование, пак, стои и правото за бесплатен превоз на оние кои живеат на растојание поголемо од 2.5 километри од местото на живеење. Ова право се подигна со помош на невладините и учениците од руралните средини. Се работи за ланчен процес – родители, млади, нивниот сектор, но и државни институции, само така ќе создадеме генерации кои ќе бидат помалку изгубени од овие што ги создававме досега“, нагласи Наумоска.
Мариана Ангелова, Генерален секретар на Нациналниот младински совет на Македонија (НМСМ), смета дека токму овој Совет е една од клучните работи што се случиле за младите во поблиската историја.
„Процесите пред 2013 година, ни покажаа дека младинските организации треба да делуваме заедно за да постигнеме некаква промена. Тоа беа нашите застапувања за да се прекине тогашниот Закон за млади кој беше направен во нетранспарентни процедури и не одговараше на младите. Во 2020 година, 7 години подоцна, добивме закон кој малку повеќе одговара на потребите на младите и младинските организации“, посочи таа, нагласувајќи дека тој се’ уште треба да се доработува, а притоа да се работи и на довербата на младите кон целиот систем.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добитниците на награди на Струшките вечери на поезијата 2024

Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, заврши 63. …

error: Содржината е заштитена!