Голем број посетители на 22 ноември имаа можност да почуствуваат како е да чекориш по стапките на римскиот император Теодосиј за време на неговата прва посета на археолошкиот локалитет Стоби за која има записи дека се случила кон крајот на 4 век од н.е.
Впечатливото искуство е благодарение на мобилната апликација Immersium која до 25 ноември ќе биде промовирана во Стоби и овозможува уникатно културолошкo искуство низ истражување, едукација и забава. Влезот е бесплатен и активностите се одвиваат од 8 до 15 часот.
На вчерашната презентација на апликацијата се обратија Спасе Перовски, директор на Стоби; Димитар Николовски, археолог во Стоби; Александар Меламед, претставник на делегацијата на ЕУ и Милан Танчески од Центарот социјални иновации „Блинк 42-21“.
Дигиталната апликација Immersium овозможува нов начин на истражување на богатото културно наследство преку користење на современи технологии кои го ставаат посетителот во центарот на едно ново културолошко искуство. Преку апликацијата, посетителот добива улога во самата приказна и можност за виртуелна интеракција со историските објекти и ликови додека го истражува локалитетот.
Ваквиот начин на пренесување на културното наследство има за цел да привлечe една нова генерација на посетители на археолошките локалитети кои бараат нови интерактивни доживувања преку користење на современи технологии.
– Новото време бара постојана адаптација, креативност и иновативни начини за да се приближат вистинските вредности особено до новите генерации. Апликацијата Immersium која e во функција во Словенија, Србија и Македонија ја работевме со огромен ентузијазам и искрено се надеваме дека и други институции од земјава и од странство ќе се вклучат во овој бран. Центарот за социјални медиуми „Блинк 42-21“ во континуитет работи на развој на дигитални апликации кои имаат моќ да го редефинираат начинот на кој им пристапуваме на културните вредности и нудат нов начин на доживувања на самите културни добра – вели Милан Танчески од Центарот за социјални медиуми „Блинк 42-21“.
Дигиталната апликација Immersium е продукт на двогодишен проект (Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans), плод на соработка помеѓу седум институции од пет балкански земји. Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско (Северна Македонија), Центар за социјални иновации Блинк 42-21 (Скопје, Северна Македонија), Универзитет Аристотел (Солун, Грција), фондацијата Балканско Наследство (Софија, Бугарија), Археолошки институт за археологија (Белград, Србија), Градски музеј Љубљана (Љубљана, Словенија) и Nexto (Словенија).
Со Immersium, посетителите имаа можност преку интерактивен водич (кратки игри, аугментирана реалност, квизови, реконструкции и др.) на мобилниот телефон да искусат дел од секојдневието на стобјани од крајот на 4 век од н.е. (поточно во 388 година од н.е.), што претставува и единствена досега потврдена посета на римски император во Стоби – на императорот Теодосиј.
Проектот е финансиран од Европската комисија преку програмата Креативна Европа.
Дани | ТВ Пакет