Новата играна серија „Куќен притвор“, која е првата спин-офф серија во македонската ТВ продукција започна со емитување во 20:15 часот на Првиот програмски сервис при МРТ, а публиката имаше можност да ги погледне првите четири епизоди предпремиерно на стриминг платформата GLEY.
По исклучителниот успех на „Преспав“, чија што седма сезона е во фаза на подготовка, ОХО ПРОДУКЦИЈА на својата публика ѝ ги отвора вратите од домот на еден од најпопуларните, но и најмистериозни ликови од пансионот – Инспектор Томе.
Кога Инспекторот е приведен од органите на прогонот, изречена му е мерка притвор која треба да ја издржува во местото на живеење според лична карта. По игра на случајот, на таа адреса живее поранешната сопруга на Томе, Вера, со нејзиниот нов и значително помлад партнер Мете.
Главните улоги ги толкуваат познатите актери од домашната сцена Горан Стојановски (Инспектор Томе), Ирена Ристиќ (Вера, сопругата), Сашко Коцев (Таки Кошка, адвокатот), Дениз Абдула (Мете, партнерот на Вера), Јована Спасиќ (Сузе, комшиката) и Зоран Љутков (Звонко, судијата).
Креатори на серијата се Пеце Талески, Сашо Кокаланов и Вардан Тозија. Главен сценарист е Сашо Кокаланов, главен режисер е Вардан Тозија, а продуцент е Пеце Талески (ОХО ПРОДУКЦИЈА). Се реализираше во копродукција со Македонска Радио Телевизија и националната стриминг платформа GLEY.
Дани | ТВ Пакет