Елиса стоеше како кип на верандата, смислувајки изговор и оправданиe пред својата мајка.
– Те прашав нешто, Елиса. Што правиш тука? Каде си тргнала во оваа доба од ноќта?
– Сакав само да прашам како е Енцо, – искрено одговори девојката.
– Можеше да ја прашаш утре Марија Грација.
– Сигурно си изненадена што сум загрижена за здравјето на еден вработен, зарем не мајко.
– Добро знаеш дека татко ти не сака да излегуваме сами доцна, освен тоа погледни го времето, можеш да настрадаш.
– Знам, мамо, прости ми, но, Енцо ми го спаси животот. Затоа ми е толку важен.
– Ајде да се вратиме дома…
– Мајко, смеам ли да те прашам нешто.
– Кажи.
– Ме следеше мене или и ти појде да го видиш Енцо?
Прашањето на Елиса ја збуни Естер. Не очекуваше толкава искреност од страна на својата ќерка.
Одмазда – љубов и смртна казна
Продолжение 29 – „Слуги со слуги, газди со газди“
Елиса стоеше како кип на верандата, смислувајки изговор и оправданиe пред својата мајка.
– Те прашав нешто, Елиса. Што правиш тука? Каде си тргнала во оваа доба од ноќта?
– Сакав само да прашам како е Енцо, – искрено одговори девојката.
– Можеше да ја прашаш утре Марија Грација.
– Сигурно си изненадена што сум загрижена за здравјето на еден вработен, зарем не мајко.
– Добро знаеш дека татко ти не сака да излегуваме сами доцна, освен тоа погледни го времето, можеш да настрадаш.
– Знам, мамо, прости ми, но, Енцо ми го спаси животот. Затоа ми е толку важен.
– Ајде да се вратиме дома…
– Мајко, смеам ли да те прашам нешто.
– Кажи.
– Ме следеше мене или и ти појде да го видиш Енцо?
Прашањето на Елиса ја збуни Естер. Не очекуваше толкава искреност од страна на својата ќерка.
Енцо беше бесен откако Лукреција му ја довери својата тајна, дека таа била онаа која пратила луѓе за да ја повредат неговата сестра. Неверемето надвор никако да се смири а тензијата во колибата беше уште поголема.
– Дали сте свесна дека тие луѓе можеа да ја убијат мојата сестра?
– Да, знам и се каам. Но во момент на очај, тоа беше единствениот начин да ја тргнам Кристина од мојата ќерка.
– Тоа не го оправдува тоа што сте го сториле, госпоѓо.
– Не сакам никој да стои на патот на бракот помеѓу Анибал и мојата ќерка, – појасни Лукреција, барајки изговор за стореното, иако беше свесно дека нема никакво оправдание во очите на братот.
– Госпоѓо, Ве молам, одете си, – тој ја отвори вратата од колибата, плашејки се дека може да го загуби разумот и чуството дека говори со дама, ако продолжи разговорот. – Не можам да ве слушам повеќе. И се молам, оставете ја мојата сестра на мира.
– Се надевам дека Фаусто нема да дознае за ова, – рече таа очајно.
– Само тоа ви е важно, нели? Да не се извалка името на Вашата ќерка. Знаете што, госпоѓо? Ве сожалувам, и вас и вашата ќерка.
Лукреција немаше што повеќе да додаде. Ја стави качулката од мантилот преку главата и ја напушти колибата. Некаде близу пампата удри гром. Таа со трчање се упати кон фазендата. Задишана и покисната, не забележа дека на тремот не е сама.
– Каде беше по ова невреме, Лукреција?, – до неа допре гласот на Естер.
– Бев да го видам Енцо Анџели, – одговори таа и се упати кон холот. Немаше ни потреба ниту пак време да се објаснува. Им посака добра ноќ пред да го напушти тремот.
– Што барала тетка Лукреција кај Енцо?, – Елиса ја праша својата мајка.
Естер немаше одговор.
Кога Кристина заврши со дневните обрски на фазендата, беше скоро полноќ. Немаше дождобран, па ја претрча пампата која ги делеше големата фазенда и бараката на Панталеон. Додека претрчуваше, и протестираше гладниот стомак како и смрзнатите нозе во летните сандали. Како таа вечер да беше крај на светот. Не престануваа да удираат громови а дождот како да беше ненаситен. Од бараката допираше слаба светлина преку прозорецот. Светлината на фенерот го осветлуваше измореното лице на нејзиниот брат кој ја чекаше на каучот.
– Што правиш буден толку доцна, Енцо?, – го праша кога влезе во колибата, покисната како да била спасена од давење.
– Ова ќе ти го кажам само еднаш, Кристина и немам намера да повторувам. Не сакам да те видам, ниту да слушнам дека си и пришла на госпоѓица Алис.
– Сега вината е на мој терет?
– Јас не те обвинувам за ништо…
– Си зборувал со Лукреција?, – на Кристина не и беше тешко да погоди.
– Да, дојде да зборува со мене, – потврди Енцо.
– И и веруваш повеќе на неа отколку на мене?
– Кристина, јас сакам да ти верувам.
– Тогаш верувај ми дека Алис Санта Марија е таа која ме прогонува мене.
– Тогаш мораш да ја спречиш. Таа госпоѓица е умоболна. Не можеш да ја прифатиш нејзината игра, тоа не е нормално. Не сакам повеќе да се мешаш со неа, ниту да разговараш. Сфати го ова како наредба, јасно?
– Ти не си мој газда за да ми наредуваш, Енцо! Остави ме сега на мира, сакам да се преслечам и да одморам.
Тој не рече ништо повеќе. Само ја напушти просторијата и ја остави Кристина сама.
Новиот ден се раѓаше бавно, речиси срамежливо, додека некоја тажна и темна светлина ги пробиваше црните облаци кои го прекриваа небото. Дождот сеуште паѓаше, но тоа не значеше дека работата ќе треба да престане. Кафеберачите ги полнеа сламените корпи со зеленото злато уште пред сонцето да изгрее. Дневната светлина ги откриваше нивните ненаспани лица, изморени, валкани и гладни, мажи, жени и деца
Цела ноќ Кристина не можеше да престане да мисли на она што и го кажа Алис. Дека нејзината мајка е задолжена за нападот на патот. Бараше начин да и врати на умислената госпоѓа, барем приближно. Кога тоа утро Марија Грација ја задолжи да го распореди појадокот, Кристина измеша неколку тревки во чинијата на Лукреција.
– Дали е готов појадокот за доња Лукреција, тетко?, – праша Моналиса, кога влезе во кујната. Како и по обичај, Лукреција не појадуваше со остатокот од фамилијата во трпезаријата, бидејки спиеше до подоцна, а кога веќе беше на нозе трпезаријата беше празна. Затоа го јадеше својот појадок во својата соба, подоцна од останатите.
– Да, Моналиса, онаков како што го сака госпоѓата.
Моналиса го зеде послужавникот од масата и потпевнувајки се упати кон спалите соби на катот. Кристина ѓаволски се смешкаше. Јадицата беше пуштена. Само требаше рибата да загризе.
Лукреција го пиеше своето утринско кафе, откако заврши со појадокот во својата соба. Сеуште носеше ноќница на себе, иако петлите веќе одамна го најавија раѓањето на денот. Ја спушти шољата со кафе и даде дозвола да влезе во собата оној кој затропа на вратата. Беше Естер.
– Естер, драга, како си?
– Загрижена, – одговори нејзината роднина, затворајки ја вратата зад себе. Како и повеќето разговори на Темпестад и овој мораше да се одвива зад затворени врати.
– Зошто? Имаш проблеми со Фаусто?
– Не. Имам проблем со тебе. Сакам да знам дали имаш нешто со Енцо и сакам да ми ја кажеш вистината.
– Што? Но, како може да ти падне на памет?
– Самата сошти кажа дека се враќаш од колибата на Енцо, во ниедно време. Затоа, те замолувам, ако имаш нешто со него, биди искрена со мене.
– Естер, те молам, како можеш да помсилиш нешто такво? Само што ја видов Алисиња како разговара со сестрата на Енцо и сметав дека не е коректно мојата ќерка да се дружи со слугинка. Затоа бев кај Енцо, да го предупредам да ја држи на страна својата бунтовна сестра. И од каде ти дојде на ум дека имам нешто со тој човек?
– Фаусто ми кажа дека си заинтересирана за него.
Лукреција стана од масичката на која појадуваше и почна гласно да се кикоти.
– Зошто се смееш?
– Сега ми е јасно се што се случува…Роднино, зарем ти не ме замоли да те придружувам да се видиш со Енцо?
– Лукреција, те молам, – Естер ја замоли за дискреција.
– Бев да му кажам на Енцо дека нема да можеш да дојдеш, но тој не беше дома, – додаде Лукреција и доби нов напад на смеа. – Јас никогаш не би те изневерила, Естер. Никогаш.
Естер не можеше да ја разбере Лукреција. Зборуваше за така деликатна тема а од друга страна не престануваше да се смее.
– Лукреција, до бога, зошто се смееш?
– Не знам, не знам што ми е. Хахаха…
Енцо веќе ги извршуваше своите работни обрски на фармата, кога по појадокот му се придружија Фаусто и Анибал.
– Гледам дека си се разбудил во одлично здравје, Енцо, – рече Фаусто задоволно. Не сакаше кога неговите вработени отсуствуваат од работа, дури ни поради болест.
– Да, газда, се чуствувам многу подобро.
– Си имал среќа, Енцо, – додаде Анибал. – Бидејки кога друмските разбојници сакаат да наштетат, немаат милост.
– Јас сметам дека Енцо треба да си најде жена која ќе се грижи за него, – рече Фаусто, надоврзувајки се на разговорот. – Или веќе има?
– Не, газда.
– Ќе ти дадам еден совет. Лукреција не е жена за тебе.
И Енцо и Анибал беа изненадени од зборовите на Фаусто.
– Мислите на госпоѓа Лукреција?, – повтори Енцо.
– Да, слушнав дека и се додворуваш на роднината на мојата сопруга.
– Не, газда, ова е некое недоразбирање…
– Се надевам дека е недоразбирање, – избувна Анибал како жариште во вулкан. – Бидејки ако е вистина дека имате нешто со мојата идна ташта, сакам веднаш да ја напуштите фазендата, Енцо!
– Никој не го побара твоето мислење, Анибал, – го замолче неговиот татко. – Слушај ме, Енцо. Држи се настрана од Лукреција. Слуги со слуги, газди со газди.
– Не грижете се, газда, јас си го знам моето место.
– Да одиме,- Фаусто му го покажа патот на својот син. – Да видиме до каде се со бербата.
Ги ставија качулките на своите глави и ја напуштија шталата. Анибал погледна прекорно во Енцо пред да излезе. Сакаше да му даде до знаење дека никој нема право да се меша со неговата избраничка.
Лукреција не можеше да си објасни самата на себе зошто и од каде тој напад на хистерична смеа и елан. Танцуваше низ собата на музиката на плочата која ја слушаше. Се смееше гласно како да е сама на универзумот. Но, не беше уште долго сама во собата.
– Што сакаш?, – го праша Рикардо откако му ја отвори вратата. Одеднаш престана да има напад на хистерична смеа, сега и се гледаше дупло. Дупла врата, дупол плакар…
– Дојдов да Ви се извинам, тетка. За проблемите кои ги направив помеѓу вас и Анибал. Беше доста незрело од моја страна.
– Незрел?, – го праша таа и повторно почна да се смее.
– Да, госпоѓо. И ветувам дека нема да се повтори. Тука сум бидејки сакам да го исчистам образот на мојот брат.
Таа како и да не го слушаше. Продолжи да танцува низ собата и да се смее самата со себе.
– Дали сте добро, тетка?, – ја праша Рикардо, задржувајки ја да не падне, откако таа го загуби осетот на рамнотежа под нозете.
– Дали сум добро? Да…и не! Малку ми се врти…
– Пиевте нешто?, – беше првото нешто кое му падна на ум на Рикардо. Само пијана жена може да се однесува како неа.
– Не, не знам што ми е…Ај, аааа, – испушти долг крик додека паѓаше врз креветот. Продолжи да се смее хистерично.
Рикардо не беше единствениот кој се соочи со нападите на Лукреција тоа претпладне. Кога Моналиса појде во собата по чинијата од појадокот, ја начека Лукреција како танцува, дури за момент ја фати и неа и ја заврте низ еден валцер околу собата.
– Не можам да поверувам во каква состојба е доња Лукреција, – и кажа на својата тетка Кристина кога слезе во кујната. – Како да забегала.
Кристина лупеше грашок во зделата и благо се смешкаше. Тоа значеше дека тревките веќе даваат резултати, помисли пакосно.
– Танцува и се смее самата со себе…
– Чудно. Што ли и е?
– Не знам, но делуваше како да пиела цела ноќ. Чудно, бидејки кога утрово и го однесов појадокот беше нормална и сега одеднаш…
– Не и обрнувај внимание, Моналиса. Таа жена е подеднакво луда како и нејзината ќерка. Моналиса, пријди, – ја побара својата внука пред да извади пар обетки од бело злато од џебот на кецелата. – Дали ти се допаѓаат?
– Преубави се, – Моналиса не можеше да престане да се воодушевува на истите.
– Твои се!
– Навистина?
– Секако. Ти си моја внука и никогаш не сум ди дарила ништо. Сигурна сум дека ќе ти стојат убаво. Ајде, стави ги на себе.
Додека Моналиса пресреќна поради подарокот од својата тетка ги пробуваше обетките, во кујната влезе Марија Грација.
– Што правиш со мојата ќерка, Кристина?, – ја праша дрско својата сестра.
– Мамо, погледни колку убави обетки ми подари тета, – гордо се пофали девојката, потргнувајки ги прамените коса за нејзината мајка да ги виде убавите обетки.
– Врати и ги!
– Марија Грација, тие се подарок,- рече Кристина.
– Врати и ги ти реков!, – повтори.- Не сакам да имаш ништо од оваа жена. Голема е веројатноста да се украдени…
– Внимавај што зборуваш, Марија…
– Ти си единствената која овде треба да внимава. Држи се подалеку од мојата ќерка. Моналиса е чиста и наивна девојка. Не е како тебе. Ајде, Моналиса, обетките…
Девојката со тешко срце ги извади обетките од своите уши и ги врачи во раката на својата мајка. Марија Грација ги врати во рацете на Кристина.
– Ти благодарам за гестот, но немало потреба. И, знај дека си предупредена. И побрзај со грашокот, треба да почнам да го спремам ручекот.
По дискусијата во кујната, Моналиса премина во салонот каде што ги послужи со мате Естер и нејзиниот син Рикардо.
– Мамо, дали си ја видела тетка Лукреција утрово? Чудна е, никогаш не сум ја видел таква.
– Утрово по појадокот бев кај Лукреција, беше сосема нормална, – збунето рече Естер.
– Извинете ме што се мешам, – рече Моналиса, чуствувајки дека може да придонесе во разговорот. – Но и јас ја видов и не ми делуваше воопшто нормално.
– Што се случува?, – праша Фаусто кога заедно со Анибал влегоа во салонот.
– Фаусто, Рикардо и Моналиса велат дека Лукреција не е добро, – рече Естер, посегнувајки по своето мате. – Можеби е најдобро да повикаме доктор.
– Што и е?, – загрижено праша Анибал, но одговорот дојде сам по себе. Лукреција дотрча театрално во салонот. На себе само во долна облека и корсет одржа куса точка во стил на кабаретска танчерка, на големо запрепастување на присутните.
– Како се осмелуваш да слезеш вака облечена, Лукреција?, – извика Фаусто на сиот глас.
– Смири се и уживај во животот. Там-тарам-татам…
– Оваа жена е пијана, – заклучи Фаусто.
– Како може да биде пијана пред пладне?, – се запраша Анибал. Веруваше дека чудното однесување на неговата тетка е од друга природа.
– И да сум пијана, што има врска?! Сакам сите да знаат за Анибал…
Анибал почуствува како му се заледува крвта во телото. Како ќе ги погледне во лице своите родители кога Лукреција ќе им ја каже вистината?! Како ќе реагира неговата мајка кога ќе дознае дека бил интимен со својата тетка? Како ќе реагира неговиот татко кога ќе дознае дека ја љуби жената која треба скоро да му биде тешта?
– Што треба да знаеме за Анибал?, – праша Естер.
– Анибал нема да се ожени со Алисиња! Ми шери ќе се ожени со мене!!!
Продолжува утре…
Јовица Крстевски | ТВ Пакет