По 25 години нашата земја повторно има филм во трка за Оскар. Прв пат се случува да имаме две номинации, а првпат и во историјата на Американската академија документарен филм е номиниран во две категории.
Во театарот „Долби“ во Лос Анџелес ноќеска ќе бидат соопштени добитниците на Оскар за 2019 година во 24 категории, според гласањето на членовите на Американската филмска академија кое заврши во вторникот. „Медена земја“ е на чекор до Оскар во категориите за најдобар документарец и интернационален филм.
За најдобар документарец конкуренти на нашиот филм му се британско-американската копродукција „За Сама“, сириско-данскиот „Пештерата“, бразилскиот „На работ на демократијата“ и американскиот „Американска фабрика“. Во категоријата интернационален (странски/неанглиски) филм, покрај „Медена земја“ во трка за Оскар се и јужнокорејскиот „Паразит“, „Корпус Кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција и шпанскиот „Болка и слава“.
Петчлената авторска екипа – режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и протагонистката во филмот – пчеларката Атиџе Муратова ќе бидат меѓу холивудската елита на свеченоста на 92-рото доделување на најпознатата филмска награда. Стискаме палци за нашата екипа и им ја пуштаме целата среќа на светот!
Доделувањето на наградите ќе се пренесува онлајн на oscar.go.com, a телевизискиот пренос кај нас го овозможи ТВ Телма. Директно следење на шоуто по полноќ ќе организира и Младинскиот културен центар каде што претходно, од 22.30 часот, ќе биде прикажан „Медена земја“ и ќе настапи групата „Фолтин“ кои ја направија музиката за филмот. Влезниците се бесплатни и треба да се подигнат на билетарницата на МКЦ.
Дани | ТВ Пакет