Почина доајенот на македонското глумиште, актерот Владимир Светиев на 66 години. Комеморацијата ќе се одржи во Македонски народен театар- Театар Центар на ден 02.11.2013 (сабота) во 10 часот. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во 13 часот на Светонеделските гробишта во Битола, а погребот ќе биде во 14 часот.
Како што потсетуваат од МНТ, Владимир Светиев беше еден од најекспонираните македонски актери и еден од оние десеттина-петнаесет студенти на легендарниот професор Илија Џувалековски, кои студирале во две негови „македонски загребски класи“, школувани на Академија за театар, филм, радио и телевизија во Загреб. Имено, во годините кога во Скопје уште немало студии по актерска игра, ама имало јасна свест дека глума просто мора да се студира само на мајчин јазик, Илија Џувалековски – поддржан од тогашните македонски власти – успеал во Загреб да го организира наставниот модел кој денес го практикуваме и на скопскиот ФДУ. Суштината на моделот е проста: студентите наставната програма ја совладуваат на службениот јазик на државата, ама предметите Актерска игра и Сценски говор со техника на глас ги учат на својот мајчин јазик. Во Загреб тоа бил македонскиот. Во Скопје, на ФДУ, со години веќе, така студираат младите Албанци и Турци.
Без македонската државна стипендија, Владе Светиев, дете од прилепското село Светомоитрани, за студиите во Загреб не можел ниту да сонува. Благодарение на таа стипендија, среќно дипломирал 1971, со највисоки оценки.
Истата година влегол во ансамблот на Драмата на МНТ, дебитирајќи во пиесата на Бранко Пендовски „Под пирамидата“. Во истиот ансамбл го поминал сиот работен век. Гостувал, повремено, и во другите македонски театри. Две сезони поминал во Милхајм, Германија, во Театарот на Ромите Пралипе.
Одиграл, вкупно, шеесеттина ролји. Актер со неговиот потенцијал, несомнено, можел да игра и повеќе.
Тоа го докажува и фактот дека Владимир Светиев во аналите на македонската глума е впишан како еден е од најнаградуваните актери: добитник е на дури пет награди за најдобри театарски остварувања на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977, 1988, 1990, 1991, 2002), на наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело (2012). на наградите 11 Октомври (1999) и 13 Ноември.
| ТВ Пакет