Регионалните и локални телевизии, кои емитуваат програма преку оператори на електронска комуникациска мрежа, членки на Здружението Медиум Објектив со црн екран ќе го изразат своето незадоволство од oдлуката на Владата со која им се доделува финансиска помош за справување со кризата од Ковид 19 само на 5 национални и 6 регионални терестријални телевизии.
Владата на 30ти мај донесе уредба за помош на национални и регионални телевизии кои имаат дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, со која Владата на овие телевизии ќе им го покрие годишниот трошок за 2020 година кон операторот А1 во висина од над половина милион евра.
Штрајкот на регионалните и локални телевизии, кои емитуваат програма преку оператори на електронска комуникациска мрежа започнa од 3. јуни и се одвива со прекин на програмата од 19 до 20 часот секој ден со црн екран и испишан текст.
– Штрајкот ќе трае се до носење нова уредба за помош и поддршка на сите радиодифузери во услови на криза од Ковид 19, велат од Здружението Медиум Објектив.
Загриженост за состојбата на локалните и регионалните радиодифузери кои, најавија дека ќе штрајкуваат со делумен прекин на програмата изразија Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Тие сметаат дека ваквата одлука на Владата ги дискриминира останатите радиодифузери кои не се опфатени со оваа мерка и се нарушува медиумскиот пазар на штета на тие медиуми.
Дани | ТВ Пакет