“Сахра” е турска сапуница за напорите на една жена да се избори за својата среќа, но и за среќата на својот син, а се емитува од понеделник до петок во 18.10 часот на Алфа.
Приказната за Сахра започнува во Сирија, во место каде владеат строги правила на живот и смрт, и каде нејзината судбина е одредена од нејзиното семејство. Насила омажена и малтретирана, за неа единствена светла точка во животот било раѓањето на нејзиниот син.
За несреќа, веднаш по породувањето ѝ било одземено бебето од страна на злобниот Џабир. Неколку години подоцна, таа дознава дека нејзиниот син Али е жив и успева да го извлече од конакот на Џабир. Во бегството од опасната фамилија, на Сахра ѝ помага Селим, добродушен човек кој работи во сириските училишта и кој е учител на Али.
Поради граѓанската војна која избива во Сирија, тој решава да се врати во родниот Истанбул, но со себе да ги поведе и Сахра и нејзиниот син. На границата, Сахра ќе биде вратена затоа што не е дозволено жена сама да ја поминува сириско-турската граница.
Поради тоа, Сахра смислува план. Таа му предлага на Селим да се ожени со неа, само на документ, како би ја поминале границата. Селим прифаќа, се жени со Сахра и успева да ги префрли преку границата.
Маките за Сахра продолжуваат и во Истанбул. Таа нема каде да оди, па затоа Селим решава да ги донесе во куќата на неговото семејство. Радоста на неговотото семејство е голема поради враќањето на нивниот син и брат, но исто така се зачудени од доаѓањето и на една комплетна непозната девојка, која ќе мора привремено да живее кај нив.
Особено љубоморна на Сахра е Асли, девојката од соседството, која долги години го чекала Селим да се врати и да се ожени со неа. Таа е решена да стори сè за да се омажи за Селим, но вистината за неговиот формален брак со Сахра ги изненадува сите.
Постепено, Сахра и Селим се вљубуваат вистински еден во друг, но зад нејзините петици стојат сенките од минатото кои нема да ја остават на мира.
Дани | ТВ Пакет