ТВ Пакет во соработка со Филмска анализа ви го претставува филмот “Амадеус” од 1984 година. На самиот почеток на филмот се запознаваме со Салиери (F. Murray Abraham) кој после обидот за самоубиство завршува во лудница, а во посета му доаѓа млад свештеник како би му ја олеснил душевната болка и така Салиери почнува да ја раскажува својата приказна. А приказната изобилува со детали за завери, морал, талент и опсесивност.
Откако ја добил титулата дворски композитор, Салиери доаѓа во ситуација да се запознае со младиот Моцарт кого веќе го следат гласини дека е чудо од дете. Моцарт (Tom Hulce) е вулгарен и со голема одбивност кон луѓето кои се над него со авторитет, но исто така има доста иритирачка смеа.
Со тек на време делата на Моцарт фрлаат сенка на Салиери кој доживува креативна блокада и поради тоа решава да ја саботира кариерата на Моцарт. Тој почнува да шири гласини, да го шпиунира па дири и да го уценува Моцарт.
Милош Форман (Milos Forman) брилијантно го доловува овој период – музичари, прослави, забави, слуги, судски чиновници и гробари, но и царот Jосиф Втори кој балансира меѓу љубовта кон музиката и целосното отсуство на музички талент. Централното внимание во филмот секако го зазема музиката, особено со сцените каде што има опера. Описите на музиката се елоквентни и искрени, ние постојано ја слушаме со акценти на познати делови кои Салиери психолошки ги толкува. Додека режијата на операта е навистина драматична и моќна.
Ниту еден тон во филмот не е дело на некој друг композитор освен Моцарт Секвенците во кои ликовите свират на музички инструменти до детал се обработени, па така што ниту еден единствен тон не е погрешно отсвирен. Операта „Дон Џовани“ е снимена на локацијата на која за прв пат премиерно била изведена. Само за четири сцени е изграден сет, сите други се снимени на локација.
Филмот е специфичен по тоа што постигна релативно добар комерцијален но и критички успех, а освои и големи награди. За повеќе, посете го блогот “Филмска анализа”.
| ТВ Пакет