Ивона Јо на јавноста и ја претстави својата нова песна која го носи насловот „Друго”. Токму по тој повод, денеска точно напладне се одржа и промоција во кафе бар „Мартини”, каде што присуствуваа голем број колеги, пријатели, претставници на седмата сила, како и почитувачи на Ивона Јо.
Ивона ќе каже дека „Друго” е почеток на една нова ера и песна на која напорно се работеше 6 месеци. Како композитор и аранжер се потпишува Илија Ќосевски, текстот е на Весна Малинова, режијата пак на Мартин Трајановски, а камерата и видео монтажа на Били.
„Откако ја слушнав друго, веднаш ми влезе под кожа. Би кажала дека песните се појавуват во нашите животи тогаш кога сме подготвени за истото. „Друго” е почеток на една нова ера. Треба да научиме дека нам ни треба само љубов за да опстоиме во оваа средина и општество, затоа што кога имаме љубов и убава енергија, се останато си доаѓа само по себе. Оваа песна се појави во вистинско време, во време кога кон почетокот на оваа година го допрев своето дно, период за кој се уште не сум подготвена да зборувам, но после тој ден свртев нова страница и од тој ден почнав буквално нов живот. Многу сум среќна што успеавме за скоро еден месец, заедно со мојот пред се пријател, а потоа соработник Мартин Трајановски да го подготвиме овој проект и да го претставиме во оваа верзија, со ваков видеозапис”. – вели Ивона, која сега слободно може да каже дека го има својот внатрешен мир, стекнат по многу животни бури.
Во новиот видеозапис Ивона Јо се појавува во издание во какво ретко ја гледаме. Провокативна, обвиена со змија и сцени кои оставаат без здив.
„Во спотот ја гледаме змијата како главна улога заедно со мене. Сакав да ја вметнам бидејќи змијата претставува симбол на сила и промена. Таа како што расте, ја менува својата кожа и нарав, па така и јас, како растам и како созревам, јас сум друг човек и ја менувам својата кожа. Змијата е ставена токму поради тоа. – додаде Ивона.
Не знае секој да ги искористи своите 5 минути. Сведоци сме на многумина кои својата минутажа ја претвориле во години владеење на сцената, како оние кои со брзина на светлината, дадената шанса ја прокоцкаа. Ивона Јо е од оние првите. Таа е и доказ дека позади секоја успешна жена стои таа сама и никој друг.
Дани | ТВ Пакет