Почетна / Живот / Прва ретроспективна изложба на Дороти Пачкова во Куманово

Прва ретроспективна изложба на Дороти Пачкова во Куманово

Петок, 29 Октомври, 2021 година, 14 часот, НУЦК Трајко Прокопиев, Куманово – прва изложба на Дотори Пачкова.

 „РЕТРОСПЕКТИВ-РЕТРОАКТИВ” поставката вклучува и обединува дела, од сите, над 30 самостојни изложби кои авторката ги поставила во земјата и странство, како и поединечни дела со кои била дел од групни изложби.

Оваа пресек изложба, ги содржи сите нејзини творечки и жевачки фази, кои таа смета дека се неразделни и взаемно зависни. Ретроактивно, за Дороти значи постоeње низ акција. Или дека нешто, како закон, стапува на сила во период во минатото и започнува да делува. Ова е спротивно на ретроспективата, што се однесува на анализирање или гледање на нешто во/од минатото.

Комбинирањето на ретроактивноста преку ретроспективно изложување, е концепт кој неслучајно упатува на феминистички конструктивизам кој алудира на темелот на егзистенција на самата авторка -преобмислување.

Од романтичарска перспектива станува збор за слобода за одлучување на сопствената судбина, слобода во однос на наметнатите улоги и идентитети, слобода од ограничувањата што ни ги пласира угнетувачкото општество и слободата да се изразуваат мислите и да се претворат во акција, во живот, да се оживотворат, материјализираат.

За авторката, пишуваaт:

      „Ретроактивната, а не само ретроспективна изложба на Дороти Пачкова е резултат на нејзината внатрешна нужност да ја преобликува стварноста, да  дејствува со повратна сила, па така  наместо само  да прераскаже и да се врати во минатото, во настаните што некогаш се случиле, таа  длабоко понира  во сопствените длабочини и ни открива еден нов момент во кој ги спојува сите нејзини напори да го визуелизира својот став во однос на наметнатите улоги утврдени по пол што ни ги пласира угнетувачкото општество.  Во нејзините експресивни апстрактни дела  се чувствува  нејзината  женственост што толку силно ја манифестира, но истовремено ја афирмира на еден сосем поинаков начин. Тоа не е женственост што неизбежно е суптилна, мека и нежна, туку е женственост која експлодира од страст и болка, женственост што создава движечка енергија и што побудува не само силни емоции, туку повикува на изразување на сопствен став.

        Дороти Пачкова на невообичаен начин успева да ги спои неколку важни моменти од општествената стварност и да создаде дела во кои бурно се преплетуваат женственоста со целата нејзина суштественост-мајчинството, заедно со борбата за човекови права и против секаков вид на дискриминација што реално ја практикува преку сопствен личен ангажман,  и апстрактното сликарство што самото по себе подразбира акција, не само на духовен план, туку и физички, бидејќи Пачкова во многу ситуации се носи себеси во состојба на акција, на реален ангажман, дури и тогаш кога создава апстрактно сликарство.

        Заменувајќи го терминот ретроспективно со ретроактивно таа себеси се квалификува како уметник што има влијание врз некое прашање што веќе се случило, односно се ангажира тоа нешто да се врати, па така  создава еден наратив на активно, а не пасивно враќање. Дороти Пачкова верува дека преку промена на естетското може да се промени и колективното духовно, а со тоа и човекот и општеството. Нејзиниот општествен ангажман е резултат на нејзиниот став дека уметноста не е автономна, туку е резултат на етички и политички став и дека не треба да се создава уметност доколку таа не е резултат на нешто што сте го почувствувале на своја кожа.“

Билјана Исијанин-историчарка на уметност, авторка

Во галеријата ќе бидат изложени триесетина дела, акрилици, комбинирани техники и фотопринтови во најразлични формати.

Изложбата ќе биде поставена во НУЦК Трајко Прокопиев – Куманово, до 09 Ноември 2021 г.  и сите заинтересирани ќе можат да ја видат, во работните часови на галеријата.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добитниците на награди на Струшките вечери на поезијата 2024

Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, заврши 63. …

error: Содржината е заштитена!