Ова е хроника на животите на членовите на семејството Датон, предводено од патријархот Џон Датон кој го поседува најголемиот отворен ранч во Соединетите Американски Држави.
Минувајќи низ непостојани сојузи, нерешени убиства, отворени рани и тешко стекната почит, ранчот е во постојан судир со оние со кои граничи.
Во услови кога се вкрстуваат наследството, семејството и политиката, Џон Датон го брани својот ранч од немилосрдните градежни инвеститори, резерватот на домородните племиња и други непријатели кои имаат за цел да ја контролираат неговата земја.
Серија во пет сезони која плени со со емоции, драма, монолози, дијалози, реплики, живописни кадрови, напнатост и легендарни пресметки меѓу ривалите. Без сомнеж, со серијава, Тејлор Шеридан се профилираше како еден од најголемите сценаристи и заслужено си го доби своето место во Парамаунт како еден од главните сценаристи.
Американска драмска серија која стекна огромен број на обожаватели меѓу сладокусците на квалитетна телевизиска програма ширум светот. Серија која се издигна рамо до рамо со најпознатите Сопранови, На пат до дното, Игра за тронови, Жилетите од Бирмингем и Зона на самракот.
Епизодите од оваа каубојска сага на сечие изненадување ја срушија целата очекувана гледаност. Ова ја направи модерната вестерн драма најгледана серија на кабловските телевизии, надминувајќи ја дури и „The Walking Dead“ на AMC, која го држеше рекордот од 2018 година.
Сега, конечно и во регионот. Сагата за Датонови стартува на српската државна телевизија, а најавени се нејзини емитувања и на други телевизии во регионот.
Дали и македонските гледачи ќе имаат можност да погледнат квалитетна продукција во прајмтајм или ноќните термини?
Останува да почекаме и да се надеваме дека “Јелоустоун” ќе се емитува на телевизии од рангот на Телма или МРТ во термини кои се добро прифатливи за целата публика.
Дани | ТВ Пакет