Почетна / Живот / Сè тече, сè се менува – отворена изложбата на Бојан Ковски

Сè тече, сè се менува – отворена изложбата на Бојан Ковски

Четврток, 14-ти Ноември, во галеријата Акантус се одржа отворањето на изложбата на Бојан Ковски.  Официјалното отворање на изложбата помина во најдобар ред со многу задоволни посетители, насмевки и честитки за авторот, ќе биде достапна за сите љубители на уметноста до 6-ти Декември. Оваа прва поголема изложба Ковски ја работеше во изминатите 3 години, а во неа се вклучени 16 дела кои што можте да ги видите во Акантус галерија во текот на месецов или почетокот на наредниот.

Текстот на кураторката Дијана во најдетално светло ја опишува оваа изложба затоа уживајте во останатиот дел од текстот.

Првото чувство од средбата со делата на Бојан Ковски ќе биде посебно доживување. Уметникот ја земал како зачеток, мислата на Хераклит, Сè тече.
Ако го земеме модерното толкување на Хераклитовата мисла и аспектот на единството на спротивностите каде постоењето е поврзано со неред и хаос, а сите случувања во природата се всушност содржина од законитости и складност, ќе влетаме во навидум јасната игра на уметникот.

Тој е млад уметник, на кого уметничката сцена допрва му се отвора. Со страст се посветува на овој циклус масла на платно на кои искрено им се предава, а пред нас се „разголува“. Долготрајниот процес на создавање на делата, од поставување, сликање, до градење на пастата која до тридимензионална форма излегува од рамките на класичниот процес на сликарството, нè воведува во неговата посебност на записот.

Техниката на работа, неговото сликарство е дел од неговиот карактер кој во својата смиреност нуди извесен шок што ве вовлекува, со делото да се соживеете или да се обидете да го појмите, и, воспоставите контакт. Сензуалноста може да се почувствува особено во извитканите тела, нивната карикирана поставеност, и со тоа сугерира натчовечкa флексибилност и задоволство во посебноста. Несовршеноста во анатомијата е намерен сугестивен ракопис кој сокрива и открива органски форми. Насловите ќе ни бидат патоказ за нашето емоционално паметење, Бесконечност на формата, Проток на нишало, Трансценденција итн.

Понатаму Ковски нè воведува во неговата занесна игра со боговите, со нивната симболика, со нивната рајска самодопадливост, а ни ја доближува и нивната божја дрскост. Земските благодати, оние од природата, оние на љубовта, на возвратената љубов, на љубовта по која трагаме, во својата совршена улога на склад и убавина до соблазнување, нè внесуваат во потребата од космичка правда и складност.
Барајќи ја сопствената рамнотежа, низ прочистување, како на техниката така и низ мотивот, тој поставува теми на блаженство, како што вели, Анализи на спектарот, Протокот на просторот и времето…, каде низ мистична атмосфера поставува фигури и портрети во големи формати (вон-човечка димензија) кои се обраќаат на гледачот.

Перспективата на погледот кој ве следи е динамична и интерактивна игра на моделот и гледачот. Низ сфумато атмосфера, сликарски создадена со потсликување, Ковски ве вовлекува во состојба на сокривање или пак разоткривање, како наратор кој пишува со боја. Во неговиот занес, тој низ персонификација повикува на славење на животот, феноменот на бесконечност, повеќе свесност и совест, милозливост, тие вечни теми кои човекот го обземаат, со кои продуцира емоции кои оставаат отворен повик на повеќезначни толкувања.

Сè тече, низ промените на нашиот краток живот, сè се менува, уметноста останува истражувачки запис на едно време, на едно доба, а времето е толку кратко.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добитниците на награди на Струшките вечери на поезијата 2024

Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, заврши 63. …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!