На 54 годишна возраст, почина познатата мексиканска актерка Едит Гонзалес, откако пред три години беше дијагностицирана со рак на јајниците. Последниот период, постојано зборуваше за својата болест, за лекувањето, охрабрувајќи ги нејзините фанови и гледачи да ги спречат опаките болести на денешницата.
Последно нејзино телевизиско искуство беше во реалното шоу “Ова е мојот стил”, каде беше дел од жири комисијата, а зад себе остави големи и успешни проекти, како и 14 годишна ќерка.
Македонските гледачи ја запознаа најпрвин како невината Есперанса во хит новелата “Никогаш нема да те заборавам”, каде глумеше заедно со Фернандо Колунга. Насловната песна на Енрике Иглезијас, како и самата серија беа вистински летен хит на Македонската телевизија во тоа време.
По улогата на Есперанса, следуваше интересната улога на Саломе во истоимената серија, прикажувана на А1 телевизија, каде партнер ѝ беше Гај Екер. Гледачите со задоволство ја следеа трансформацијата на Едит од танчерката Саломе во еден ноќен клуб па сѐ до Фернанда, храбра и пожртвувана жена и мајка.
Особено забележана кај публиката остана по улогата на вонвременската негативка Јоселин во “Вљубени и злобни”, новела прикажувана на Сител телевизија, каде Едит глумеше заедно со Сезар Евора, Габи Еспино, Елена Рохо, Ернесто Лагуардија, Лаура Флорес, Себастијан Рули, Сара Малдонадо, Азела Робинсон и други познати мексикански ѕвезди.
Нејзината последна улога на домашните мали екрани беше како борбената Дона Барбара во истоимената новела, базирана на познат венецуелски роман.
Гледачите секогаш ќе се сеќаваат на овие брилијантни улоги, а ние како портал сме тука да одвоиме простор за нејзините проекти кои никогаш нема да ги заборавиме.
Дани | ТВ Пакет