Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува медиумите, при информирањето за погребите на жртвите во трагичниот пожар во Кочани, да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди.
Известувањето треба да биде без сензационализам, задолжително треба да се почитува личната болка и жалост на семејствата, роднините и најблиските на загинатите и да се води сметка да не се придонесува за дополнително зголемување на вознемиреноста. Во оваа насока се и барањата од жителите од Кочани кои вчера се обратија директно до Агенцијата, како и преку социјалните мрежи, со апел медиумските работници да се држат понастрана за време на погребите и да не снимаат со дронови. Медиумите да внимаваат при правењето и особено при објавувањето снимки и фотографии, со цел да им дозволат на семејствата и родителите достоинствено и со почит да се збогуваат со своите ближни.
Генерално, деновиве медиумите покажаа висок степен на професионалност. Имаше неколку случаи на емитување филмови и серии со забавна содржина, за што се доставени и претставки до Агенцијата, поради што посочуваме радиодифузерите да обрнат поголемо внимание при креирањето на програмската шема. Истовремено, важно е и класичната музика која се емитува да биде соодветна на деновите на жалост.
Освен ова, апелираме до медиумите да им ја пружат потребната поддршка на нивните медиумски работници кои изминативе деновиве при извршувањето на нивните работни обврски се изложени на исклучителен стрес и, со тоа, на здравствени ризици.
| ТВ Пакет