На 18 години балерината Стефанија Гаштарска е првата Македонка која стана дел од ансамблот на рускиот „Болшој“ театар во Москва. Доколку ситуацијата се стабилизира, веќе од следниот месец ќе се пресели таму – објавува телевизија Сител.
Средното образование го завршила во Русија, една година поминала во Перм, а три токму на академијата „Болшој“. Трите години во академијата ги поминала во руски клас и заедно со уште една Италијанка биле единствените странци. Вели дека на само 18 години го живее сонот, но нејзините амбиции не запираат тука.
– Чувството е навистина прекрасно. Уште од малечка јас имав зацртано „Болшој“, театар „Болшој, академија „Болшој“, – дека сакам таму да учам и да работам. Јас сум човек што сонува на големо, јас не сонував само да бидам балерина, туку сонував да бидам Прима-балерина во „Болшој“ театар, вели Гаштарска.
Влезот во академијата бил сосема случаен. Била на натпревар во Перм каде под водство на професорката Елизавета Кушевска, а во класата на Дафина Даниловска ги поминала сите три круга. По натпреварот ја повикале една година да учи во Перм. Откако ја завршила годината добила и покана за аудиција во Москва каде успеала да ги воодушеви најдобрите светски професори по балет.
– Прво мора да кажам, натпреварот во Перм, тоа е број 1. Потоа турнејата во Атина, Грција, каде бевме со Академијата – со целото училиште. Во Атина танцувавме „Оревокршачка“ и јас ја играв главната партија во таа претстава. И можам да кажам, исто така, гала концертот „Калининград“ концерт на „Болшој“ театар каде ме поканија да учествувам со мојот партнер од училиштето и бевме единствени студенти кои учествуваа на таа гала со сите најпознати ѕвезди од „Болшој“ театар, вели Гаштарска.
Со работа треба да почне од септември, а вели дека не размислува за продолжување со образованието, туку ќе се фокусира на театарот и играњето. (извор)
| ТВ Пакет