Од понеделник на програмата на првиот канал на Македонската телевизија започнува со емитување американската цртана серија „Сунѓерот Боб“, синхронизирана на македонски јазик. Авантурите на Боб ќе може да ги гледате секој понеделник, среда и петок во 10:30 часот наутро и во 18:45 часот.
Серијата ја има осмислено морскиот биолог и аниматор Стивен Хиленберг и е снимена во продукција на United Plankton Pictures и Nickelodeon Animation Studios. Дејството на цртаниот е сместена во Тихиот Океан, во измислениот град Бикини Дно, опкружено со лагуни. Сунѓерот Боб е пријателски и оптимистички настроен морски сунѓер, кој е веројатно станарот во океанот што најмногу фантазира. Живее во ананас на дното на морето со своето куќно милениче, морскиот полжав Гери. Работи во ресторанот кај Красти Краб, морскиот рак. Неговата специјалност се плескавиците, чиј таен рецепт вешто го крие од својот најголем непријател, Планктон. Најдобар пријател на Сунѓерот Боб е морската ѕвезда Патрик. Тие двајца се неразделни другари, полни со интересни идеи.
Серијата во Америка започна да се емитува на 1. мај 1999. година и за кратко време стана омилена меѓу децата не само во Америка, туку и во целиот свет. Првите сезони кај нас се емитуваа на А1 телевизија, а малите дечиња од понеделник ќе се дружат со новите авантури на нивниот Боб Панталоновски.
Дани Петковска | ТВ Пакет