Почетна / Забава / Свечено отворање на роденденската сезона на Македонска филхармонија

Свечено отворање на роденденската сезона на Македонска филхармонија

Новата сезона на Македонската филхармонија насловена „Одисеја” започнува в четврток, на 10 октомври, со почеток во 20 часот со концертот насловен „Го славиме јубилејот” на кој како солист ќе настапи нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф – диригентот Јерухам Шаровски од Израел. На програмата е премиерна изведба на делото „Шест едноставни песни” за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град” од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред” од Петар Илич Чајковски и светска премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија” од македонскиот композитор Борис Светиев.

-Новата роденденска сезона ја отвораме во четврток со концертот насловен „Го славиме јубилејот” со светски познатата сопранистка Ана Дурловски и нашиот шеф-диригент, маестро Јерухам Шаровски. Подготвивме возбудлива програма која на најдобар начин ќе ја најави нашата сезона во која ќе прославиме осумдесет години од формирањето како најстара институција во земјата. Целата сезона е внимателно подготвена, ќе настапат најдобрите македонски, но и странски солисти и диргенти, ќе прозвучат капитални дела, но и дела на домашни автори – вели Александар Котевски, в.д. директор на Македонската филхармонија.

Маестро Јерухам Шаровски од Израел има долга историја на настапи со оркестарот на Македонската филхармонија со која активно настапува од 2003 година.

-Со вашиот оркестар имам посебна врска и секогаш сум среќен кога доаѓам тука на концерти, зошто имаме одличен флуид и енергија додека ја подготвуваме програмата. Имате навистина посебен оркестар, посветени музичари кои имаат пасија и посебна искра која може да ја чувствува и публиката – вели Шаровски.

За в.д. директорот Александар Котевски вели дека е одличен инструменталист и амбициозен менаџер.

-Мислам дека со неговиот талент и енергија и мојата посветеност ќе постигнеме многу во оваа јубилејна сезона, дека ќе успееме да реализираме и заеднички турнеи и аудио записи – истакна Шаровски.

За нашата сопранистката Ана Дурловски, вели дека е најдобрата со која досега имал можност да соработува.

-Сум работел во многу врвни оперски пејачки, но, Ана, дефинитивно е најдобрата – вели Шаровски.

Ана Дурловски е почестена и среќна што ќе настапи на отворањето на роденденската сезона на Македонска филхармонија.

-Овој оркестар е моето срце, со него се врзани моите почетоци, првиот настап со оркестарот го имав токму со Македонската филхармонија. За оваа пригода одбравме специфична и интимна програма со дело во кое музички е илустриран најубавиот момент на смрт и разделба. На концертот ќе прозвучат четири песни од циклусот „Шест едноставни песни” од Корноголд, кои, мене лично ми се омилени парчиња од оперската литература – вели Дурловски.

Премиерно, на концертот в четврток ќе се изведе и симфониската поема „Јубилејна фантазија” на македонскиот композитор и пијанист Борис Светиев, една од композициите која помина на Конкурсот за откуп на дела од македонски автори, а којшто институцијата го распиша годинава. Идејата да го создаде ова дело, Светиев ја имал од пред повеќе години, тежнеејќи да го истражи соодносот шум-тон. Вели дека токму Конкурсот за нарачка на дела од страна на Филхармонијата за него бил доволен мотив да ја реализира до крај таа идеја, со оглед на тоа што веќе ги имал и техничките можности и доволно предзнаење за тоа како би требало да тече процесот на работа врз една композиција со помош на DAW (Digital Audio Workstation).

Во концертната сезона 2024/2025 во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.

Новата сезона е насловена „Одисеја”, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици. И насловите на концертите се извлечени од наслови на претходни сезони за да се сублимира осумдеценискиот континуитет на Македонската филхармонија. На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија во новата роденденска сезона ќе продефилираат уникатни индивидуалци како пијанистите Лука Дебарг и Петер Лаул, извонредниот виолинист Сергеј Малов кој воедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември; Роберт Бонфиљо – усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева- Казахстан/Луксембург. На пултот пред нашиот оркестар за првпат ќе застане маестра Бар Авни од Израел, инаку лауреатка на престижниот натпревар „Маестра” во Париз и асистентка на славната диригентка Барабара Ханиган, како и маестро Конрад Ван Алфен од Холандија, нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија. И во вториот дел од сезоната, од јануари до јуни 2025-та ќе настапат исклучителни солисти и диригенти, како виолинистот Марк Бучков од Белгија, врвната Селина От (труба) од Австрија, еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Дмитри Маслеев од Русија и др. На Велигденскиот концерт, насловен „Per aspera ad astra” за првпат во Македонија ќе прозвучи Големата миса во це-мол од Моцарт.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Успешен настап на Дијана И. Илкоска со Софиската филхармонија

По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестра Дијана Имери Илкоска, продолжува со нови …

error: Содржината е заштитена!