На 16 март 2025 година, трагедија го потресе Кочани. Разорен пожар однесе 59 млади животи и остави над 196 лица тешко повредени. Во деновите што следеа, градот беше обвиен во тишина, болка и жалост. Среде оваа тага, се роди песна — „Take Me Where They Fly“. Но, ова не е само песна; ова e почит и глас за незамисливата загуба. Преку потресни мелодии и длабоко емотивни стихови, песната ја отсликува болката на родителите кои не успеале да се простат, тежината на светот што премногу брзо продолжи понатаму, и незгасливата желба повторно да бидат со тие што прерано си отидоа.
Автор на песната е Коста Митрески, независен уметник кој досега никогаш не бил во јавноста. До сега, музиката за него била лично патување, но после оваа трагедија, почувствувал дека мора да ги сподели своите емоции на единствениот начин што го знае – преку песна.
„Оваа песна не е за мене – ова е за нив. За оние што ги загубивме. За семејствата што останаа без нив. За болката што никогаш не треба да биде заборавена“, вели Коста.
Со своето објавување, „Take Me Where They Fly“ не е само музика – тоа е звучен споменик, повик за сеќавање и сведоштво за болката што зборовите не можат да ја искажат. Оваа песна е потсетник дека зад секој број има име. Зад секоја трагедија стои семејство. И зад секој миг тишина, постои песна што чека да биде слушната. Нека биде слушната, нека биде споделена, и нека остане како вечно сведоштво.
Дани | ТВ Пакет