Вчеравечер (вторник, 20-ти декември) младата талентирана македонска пејачка Тамара Ангеловска со промоција во ресторанот „Фитнес Хаус“ во Скопје ја промовираше својата втора песна по ред насловена како „Не можам без тебе“ со видеозапис во продукција на Џубокс Видео.
Промоцијата со честитка за 18-тиот роденден на Тамара ја отвори радио и ТВ водителот Ване Маркоски. Композицијата „Не можам без тебе“ е песна со модерен светски призвук во друм и бас стил, а е авторско дело на добро познатиот Иле Спасев (музика и ангажман) и Даниела Хаџи-Тоневска (текст). Во видеозаписот кој е во режија на Џулиани и Jukebox Video, Тамара се појавува во провокативно издание облечена во парчиња од најновата колекција на брендот Зара, а за шминката и фризурата се погрижија Елена Андовска и Анита Ристеска. Покрај Тамара, во видео приказната се појавува и познатиот модел Дејан Велевски од рекламите на „Скопско“.
– Многу сум среќна што ве гледам во овој број, сакам да се заблагодарам на целиот тим кој неуморно работеше со мене овие денови за на крај да бидеме подготвени да го промовираме новиот видеозапис. Сакав нешто поразлично, се надевам дека и вас ќе ви се допадне, кажа Тамара на промоцијата.
Тамара е родена на 20-ти декември 1998-ма година во Скопје, а наредната година ќе матурира на отсек Теоретичар со облигат флејта при средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“. Зад себе Тамара има голем број освоени награди ширум светот. На домашен терен со својата прва студиска песна освои награда за најдобра дебитант при годинешниот „Охрид фест“, но и прво место на „Езерски бисери“. Надвор од Македонија, во силна конкуренција од повеќе од 250 пејачи освои Гранд При во Анталија, Турција, потоа Хаифа, Израел прво место, во Москва, Русија трето место, и Минск, Белорусија второ место.