Согласно Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на РСМ, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 15 јуни 2020 година, Советот на ААВМУ направи измена на Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање за изборите во 2020 година.
1. Со ова Упатство се утврдува начинот на примена на член 75-ѓ ставови 1 и 2 од Изборниот законик, а во врска со член 7 од Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година, со цел на радиодифузерите да им се обезбедат јасни правила и правна сигурност при склучувањето на договорите и емитувањето платено политичко рекламирање, а на учесниците во изборниот процес рамноправен пристап и еднакви услови за користење на сите видови политичка пропаганда.
2. Во согласност со распределбата на времето за платено политичко рекламирање утврдена во член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, а во врска со член 7 од Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година, вкупно 14-те минути на реален час, учесниците во изборниот процес, ќе ги користат на следниов начин:
– Во максимум 6-те минути наменети за двете најголеми политички партии од позицијата, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на КОАЛИЦИЈА МОЖЕМЕ и на ДЕМОКРАТСКА УНИЈА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА – ДУИ;
– Во максимум 6-те минути наменети за двете најголеми политички партии во опозиција, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ И КОАЛИЦИЈА „ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА“;
– Во преостанатите две (2) минути наменети за политичките партии во Собранието на државата кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието и за независни кандидати, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на сите други учесници во изборниот процес: ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА НА АЛБАНЦИТЕ – ДПА; ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ДЕМОКРАТИ; ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА; АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ И АЛТЕРНАТИВА; ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ГЛАС ЗА МАКЕДОНИЈА; ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА – ГДУ; ИНТЕГРА-МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА; СДУ СКОПЈЕ; ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА; МОРО-РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА; НАРОДНА ПАРТИЈА НА РОМИТЕ; и ТВОЈА ПАРТИЈА.
3. За секој од учесниците во изборниот процес кои го користат времето наменето за платено политичко рекламирање на најголемите политички партии од позицијата (КОАЛИЦИЈА МОЖЕМЕ и ДЕМОКРАТСКА УНИЈА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА–ДУИ) и од опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ И КОАЛИЦИЈА „ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА“), радиодифузерите може да одвојат најмногу по 6 минути за платено политичко рекламирање на реален час емитувана програма, при што за учесниците од позицијата, само во реалните часови во кои само еден од нив сака да закупи време за рекламирање.
4. Поради бројот на учесници во изборниот процес што го користат времето од вкупно 2 минути за платено политичко рекламирање на реален час, а за да им се обезбедат еднакви услови за пристап, за секој од овие учесници, радиодифузерите може да одвојат најмногу по 30 секунди или најмногу по 2 минути на реален час доколку не постои заинтересираност од други учесници, во три групи точно определени реални часови од деноноќието, кои ќе ротираат за време на изборната кампања.
5. На секој од учесниците во изборниот процес што го користат времето од вкупно 2 минути за платено политичко рекламирање на реален час, радиодифузерите може да им понудат закуп на време и надвор од за нив определените реални часови од деноноќието, доколку не постои заинтересираност за рекламирање од другите учесници. Притоа, не смее да се надминува лимитот од вкупно 2 минути на реален час.
6. Во согласност со член 75-ѓ став 2 од Изборниот законик, кога постои интерес од учесниците во изборниот процес, радиодифузерите може да понудат закуп на време за платено политичко рекламирање во два последователни реални часа во континуитет (на преод од еден во друг реален час), но притоа се должни да обезбедат дека спојувањето на рекламирањето, два пати по ред, нема да биде за ист учесник во изборниот процес, и да обезбедат наизменична застапеност на политичките партии од власт и опозиција.
7. Можност за закуп на време за платено политичко рекламирање во два последователни реални часа во континуитет, радиодифузерите се должни да им понудат и на учесниците во изборниот процес што го користат времето од вкупно 2 минути за платено политичко рекламирање на реален час, доколку не постои заинтересираност за рекламирање од другите учесници во определените реални часови од деноноќието. Притоа се должни да обезбедат дека спојувањето на рекламирањето, два пати по ред, нема да биде за ист учесник во изборниот процес.
8. Ова Упатство влегува во сила со денот на донесување, и ќе биде објавено на веб сајтот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со влегувањето во сила на ова Упатство престанува да важи Упатството бр. 01-2545/1 од 15.06.2020 година.
Дани | ТВ Пакет