Телевизија Алфа и овој викенд продолжува со емитување на познатите домашни играни филмови.
сабота (25 април 2020), 11.40 часот – “До Балчак”
Потсетување на филмот на Столе Попов, емитуван минатиот викенд премиерно. Дејствието на филмот „До балчак„ се одвива во годините на општ колапс и „слободен пад„ по крваво задушеното македонско востание од 1903. Сашко Коцев, Никола Ристановски и Тони Михајловски во сагата за дивиот исток.
сабота (25 април 2020), 14.50 часот – “Тетовирање”
Режиран од Столе Попов, со Столе Аранѓеловиќ, Мето Јовановски, Љиљана Меѓеши, Јовица Михајловски, Кирил Поп-Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Александар Чамински и Данчо Чевревски во главните улоги. За овој филм, Столе Попов бил награден со наградата „Златна мимоза“ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови во 1991 година, во категоријата за најдобра режија. Премиерно емитуван минатиот викенд на Алфа, а сега повторно во репризен термин.
Дејството на филмот се одвива во летото 1989 година и го следи животот на работникот Илија (го игра Мето Јовановски), кој по низа апсурдни настани, иако потполно невин, завршува во затвор, обвинет за убиство, а подоцна и убиен од еден специјалец.
сабота (25 април 2020), 20.10 часот – “Ах, љубов моја”
Романтична комедија на Никола Коле – Ангеловски. „Ах, љубов моја“ е приказна за позната поп пејачка Сузан, која по успешната турнеја низ Турција и емотивните проблеми предизвикани од раскинувањето на долгогодишната љубовна врска, доаѓа во еден хотел да се одмори во мир и тишина, далеку од јавноста и новинарите.
Меѓутоа, во хотелот се појавува нејзиниот поранешен љубовник Селпин, кој сака да се збогува со неа, по што се тргнува наопаку. Изненадувачки средби, неочекувани личности и ситуации, кои на крајот сепак ќе завршат со среќен крај.
недела (26 април 2020), 15.30 часот – “Исправи се, Делфина”
Македонски филм од 1977 г. на режисерот Александар Ѓурчинов, работен по негово сопствено сценарио. Во главните улоги се јавуваат Столе Аранѓеловиќ, Неда Арнериќ, Дарко Дамески, Слободан Димитриевиќ и Диме Илиев. Филмот е инспириран од вистински настан – препливувањето на каналот Ламанш од страна на македонската маратонска пливачка Атина Бојаџи.
Филмот е приказна за девојката Делфина (Неда Арнериќ), која додека се обидува да го преплива каналот Ламанш се навраќа на пресвртните моменти од нејзиниот живот, кој, изгледа единствено би добил смисла доколку таа успее во својата мисија. При препливувањето, на бродчето што ја следи се нејзиниот тренер Атанас (Дарко Дамески) и нејзиниот пријател Петко (Диме Илиев), кои постојано ја бодрат и ѝ помагаат.
недела (26 април 2020), 20.10 часот – “Џипси Меџик”
Филмот на Столе Попов од ’97ма претставува обид да се прикаже вистинската положба на Ромите, кај кои материјалната беда стои веднаш наспроти психолошката слобода којашто треба да го претставува нивното вистинско богатство.
Дејството на филмот се одвива во една ромска населба, а главните протагонисти се членовите на едно многубројно ромско семејство. Таип и Ремзија имаат шест деца, егзистенцијата ја обезбедува Таип, пребарувајќи по градската депонија и препродавајќи ги старите работи. На депонијата претендираат и други Роми, па така Таип доаѓа во конфликт со Омер, водачот на една банда, чии членови без многу размислување го користат ножот во пресметките. Бедата во којашто живее семејството не го попречува Таип да сонува, да мечтае за Индија, прататковината на сите Роми.
Дани | ТВ Пакет