„Плима и осека” e доста популарна турска серија која претставува римејк на американскиот хит “Округот Оринџ”, своевремено емитувана со голем успех на А1 во прајмтајм.
Критичарите сметаат дека турската продукција направила подеднакво добра серија како оригиналот, а некои се согласни и дека во однос на продукција, емоција и глума, дури ја надминала и американската верзија. Сценариото се базира на оригиналната серија, но во текот на емитувањето направени се големи измени со цел гледачите да се прилагодат на нешто сосема ново и непознато за нив.
Големите млади ѕвезди надополнети со постари и познати актери било неминовно да серијата достигне неверојатна успешност секаде каде била емитувана.
Снимена во луксузна вила, серијата плени со привлечна актерска екипа, музика која остава без здив, стајлинзи кои секој ќе посака да ги има, глума која трогнува, сценарио кое освежува и те закотвува пред малите екрани.
Музиката во серијата е дело на маестро Toygar Işıklı, кој е автор на музиката на големите турски хитови како Кога лисјата паѓаат, Езел, Плачот на виолината, Притаени страсти, Фатмаѓул, Карасевда, Пари и љубов, Гавран итн.
Воедно, музиката во оваа серија освои награди за најдобра музика во серија на престижните Turkey Music Awards и Magnum Golden Butterfly Awards. Во текот на епизодите, дури и главните ликови исполнуваат некои песни од познати турски музички имиња, па видеата од серијата станаа вирални на интернет мрежите.
Потпретседателот за развој на формати и маркетинг на Ворнер Брос (дистрибутер на серијата воедно), Ендрју Зеин, во интервју за списанието Television Business International напоменал дека оваа серија е преуспешна во светски размери меѓу сериите кои се адаптации.
Американските списанија Variety и The Hollywood Reporter објавија за турската верзија на The O.C. и утврдија дека целата драма е направена во согласност со светските стандарди.
Набргу по емитувањето на првата епизода на Медцезир, Ајше Карадуман, која напиша рецензија на веб-страницата на Радикал, коментира дека „Серијата која ги собра сите талентирани и искусни актери како актерска екипа, има сценарио кое целосно ги надмина и моите очекувања и стана феномен“.
По завршувањето на серијата, поранешниот гувернер на Истанбул, Хусеин Авни Мутлу го коментираше финалето: „Крајот на Медцезир не остави уништени и трогнати, нешто што се нема случено со децении во Турција“. Веб-страницата на весникот „Милиет“ објави листа на успешни серии со висока гледаност, во која како една од незаборавните наслови се појавува и името на Медцезир.
Во друга статија на веб-страницата на Милиет, финалето беше опишано како крај „што одговара на името, големо збогување“.
На денот кога се емитуваше финалето, фановите на Твитер го користеа хаштагот „#hiçunutmayacağız“ (никогаш нема да заборавиме), кој се најде на првото место на Тренд листата неколку часа пред емитувањето на епизодата и по пет часа со 106.326 твитови, стана најчесто користен хаштаг на платформата.
Веб-страницата N’oluyo објави статија од Нида Финдик, која вели дека серијата ќе ја памети како бајка и додаде дека таа создала многу убави две години за својата публика и новите генерации на гледачи.
Серијата воедно имаше големо влијание врз поп културата во Турција, а и пошироко. Кога серијата стана феномен на социјалните мрежи, фановите почнаа да ги етикетираат ликовите Мира и Јаман како Јамира.
Многу веб страници, веб блогови и онлајн страници буквално потпаднале под влијание на серијата и ликовите – се играле виртуелни игри со ликовите, се слушала и споделувала музиката, се купувале парчиња облека како од серијата, наголемо се коментирале случувањата како во домаќинствата меѓу пензионерите и домаќинките, така и меѓу младиот свет.
Плима и осека освои многу награди и доби разни други номинации. Ја доби својата прва награда на наградите Siyaset Dergisi за најдобра ТВ серија на годината, за најдобра ТВ актерка и за најдобар ТВ актер. На наградите на весникот Ајакли во 2014 година, серијата беше номинирана во различни категории, вклучително и за најдобра драмска серија, за најдобар ТВ актер и за најдобра ТВ актерка, од кои освои вкупно шест награди.
Истата година, серијата ја освои наградата за најдобра драмска серија на телевизиските награди Билкент, наградата за најуспешна серија на наградите за достигнување İTÜ и наградата за најдобра ТВ серија на наградите на Универзитетот Галатасарај. Во 2014 година, Серенај Сарикаја ја освои наградата за најдобра актерка на наградите Magnum Golden Butterfly, а композиторот беше награден со наградата за најдобра музика.
Серијата, исто така, беше номинирана на меѓународните драмски награди во Сеул за наградата за најдобра драмска серија и беше рангирана на второто место. Чагатај Улусој исто така бил номиниран за наградата за најдобар актер на овие светски награди.
Со профит од 25,6 милиони лири до крајот на првата сезона, серијата станала петтата најуспешна серија во Турција во однос на нето-продажбата и максималнa заработувачка на продуцентите.
Од сите горенаведени причини ги повикуваме македонските телевизии да се ангажираат и да ја откупат оваа успешна и уникатна мелодрама која несомнено ќе биде големо освежување за гледачите.
Комбинација на драма надополнета со социјални проблеми, комедија, луксуз, гламур и неверојатна емоција е она што очигледно ќе ги привлече и македонските гледачи од почетокот па до самиот крај да останат покрај малите екрани, очекувајќи го секој следен момент од неверојатната приказна за Мира и Јаман.
Дани | ТВ пакет